Еве какви се казните во земјите од регионот доколку немате зимска опрема

ОБЈАВЕНО НА:

Зимската опрема е неопходен дел од возилото во зимските периоди. Тоа не само што е пропишано со закон туку поседувањето на опрема е од големо значење како за личната безбедност така и за безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.

Непоседувањето и некористењето на зимска опрема во ситуации опишани со законот повлекува и одредени санкции. Колку изнесуваат тие санкции во земјите од регионот ќе ви откриеме во продолжение.

Во Србија, согласно тамошните законски регулативи од 1. ноември е задолжително поседување на зимска опрема вклучувајќи зимски гуми на сите четири тркала со минимална длабочина на шарите од 4 мм. Доколку не поседувате зимска опрема полициските службеници во оваа земја може да ви изречат парична казна од 6.000 до 20.000 српски динари што во превод изнесува од 50 до 170 евра.

Во Босна и Херцеговина законската регулатива предвидува задолжително поседување на зимска опрема во перидот од 15. ноември до 15. април. Во овој временски интервал задолжителни се зимските гуми, без разлика на условите на патот. Некористењето на зимска опрема во оваа земја може да ве чини од 20 до 100 евра.

Во Хрватска можете да добиете убедливо највисоки казни. Доколку патувате во оваа земја, а во периодот од 15. ноември до 15. април не поседувате и не користите зимска опрема ви се заканува казна од 40 до 670 евра, но и исклучување од сообраќајот. Ова се убедливо највисоки казни од земјите на Балканскиот Полуостров, особено ако се земе и фактот што доколку вашиот автомобил не е исчистен од снег може да добиете дополнителна “честитка” од 100 до 130 евра.

Во Словенија временскиот период за поседување и користење зимска опрема е пократок за еден месец во однос на Србија и Хрватска. Така во оваа земја зимската опрема е задолжителна во периодот од 15. ноември до 15. март, без оглед на условите на патот. Специфично во оваа земја е што шарата на гумата не треба да биде помала од 3 мм, а задолжително е поседувањето и на лопата. И во Словенија како и во Хрватска, доколку вашиот автомобил е неисчистен можете да добиете казна од 200 евра, а паричната казна за непоседување на зимска опрема се движи од 40 до 500 евра.

И во Бугарија можете да добиете парична казна за непоседувањето на зимска опрема во периодот од 1. ноември до 31. март, а Грција е единствената земја од регионот каде зимските гуми не се задолжителни.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK