Македонците сезонава го напаѓаат врвот во Twingo Cup

ОБЈАВЕНО НА:

Со двете трки на Монца викедов почнува новата сезона на Twingo Cup, најинтереното тркачко натпреварување во кое сите возат исти автомобили, и само нијанси решаваат за победникот. Тие нијански се всушност возачките мајстори, искуството и знаењето да се извади најмногу од малите автомобилчиња. Седум тркачки викенди во календарот и осум Македонци на европските патеки. Сега со поголеми шанси да се биде во самиот европски врв.

Поискусни, посериозни, подеднакво бројни како и претходните две години, сега во новата сезона на Twingo Cup, македонските возачи имаат повисоки цели – да бидат во врвот. Тоа го покажаа веднаш на првите тренинзи на Монца како и во квалификациите.

Во Топ-10 на Монца има тројца Македонци, а Марко Блажевски ланскиот шампион на Македонија ќе ја стартува трката од вториот ред. Тој во квалификациите има трето најбрзо време, зад Мија Фабијан и Ник Поланец. Блажевски е актуелен македонски шампион во Twingo Cup. Лани во Италија немаше многу среќа, но сега има шанса тоа да го подобри.

Сезонава во Twingo Cup нема да вози Давид Малинковски кој „скокна“ во повисока класа и ќе се натпреварува во Clio Cup, a на патеките нема да бидат ниту Ник Стефанчич, актуелниот победник на Twingo Cup и неговиот сонародник Матеј Ивануша. Тоа им дава надеж на другите дека полесно ќе може да се вклучат во борбата за севкупен победник.

Трките од Twingo Cup ќе се бодуваат и за првенствата на Словенија и Македонија, и за ЦЕЗ. Од Македонија ќе има осум натпреварувачи, а нов е Бранко Рафајловски. Од ланскиот состав на македонски тркачи сега го нема Ненад Костовски и Ангелче Стојковски.

Покрај овој тркачки викенд на Монца, сезонава треба да се возат уште 12 други трки на шест различни патеки. Серијата на крај на април се сели во Унгарија, во јуни се вози во Словачка, а на почетокот на јули на Имолам па во Чешка, Италија и на крај на Гробник во Хрватска.

Квалификациите на Монца поминаа добро за македонските возачи. Бојан Петрушевски ќе ја вози својата прва „целосна сезона“ во Twingo Cup, и повторно покажа дека има талент. Во квалификациите го освои седмото место и заврши пред Владимир Тренски кој лани имаше една победа и плус уште две искачувања на подиумот во првенството на Македонија.

Секогаш константниот Зоран Мираковски во конкуренција на 30 возачи го освои 11 место. Тој лани само во Австрија на една трка немаше пласман, а од девет трки на седум беше на подиумот во првенството на Македонија.

Четворката Слободан Трјковски, Бранко Рафајловски, Борис Стојменов и Мурис Хамзиќ ги освоија 21 до 24 место.

Утре е првата трка на Монца, а втората се вози во недела.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK