Продажбата на нови автомобили во август во Франција се намали за 15% споредбено со истиот месец минатата година. Вкупно во минатиот месец беа продадени 88.066 нови автомобили, покажуваат официјалните податоци на CCFA.
Иако е забележан пад на продажбата, сепак, со новите продажни бројки уште еднаш се покажуваат преференциите на Французите кои ги сакаат домашните автомобили во однос на странските брендови.
Најпродаван бренд и натаму е Peugeot со 18.997 продадени автомобили што е повеќе од Renault кој успеа на домашниот пазар да испорача 14.158 нов автомобил. Следи Citroen со 11.190 примероци. Од останатите француски производители, премиум брендовите DS и Alpine испорачаа 893 односно 28 примероци.
На ниво на производители, убедливо најмногу автомобили има продадено Stellantis и тоа 37.971 автомобил. Следи Renault Group со 21.724 додека на третата позиција е Volkswagen Group со 11.704 автомобили.
Процентуален пораст во август, во споредба со август минатата година има остварено Volkswagen Group од 2,64% и TATA од 20,5%.