Дали сте знаеле? Овие автомобили имаат мотори од други производители

ОБЈАВЕНО НА:

Не сите производители на автомобили вградуваат мотори од сопствено производство во своите возила. Дури и оние кои се познати по производството на квалитетни мотори неретко ги опремуваат своите возила со мотори од други производители.

Можеби звучи за неверување, но Mercedes, Toyota, BMW и многу други производители користат мотори од други производители.

Така моделот Mercedes-Benz A180d под хаубата во понудата доаѓа и со 1,5 литарскиот дизелски dCi мотор развиен од страна на Renault. Овој мотор се наоѓа и под хаубата на многу други модели на Mercedes, но може да се најде и кај Nissan и Dacia.

Alfa Romeo Giulia QV е единствениот модел на италијанскиот производител кој доаѓа со 2,9 литарскиот турбобензински V6 мотор со 510 КС кој е развиен и произведен од страна на Ferrari. Овој мотор може да се најде и кај некои модели на Maserati, а во минатото мотори развиени од Ferrari се вградувале и кај автомобили од брендот на Lancia.

Изненадувачки е фактот што моделот 116i на BMW во понудата доаѓа со два мотори развиени од страна на PSA Групацијата. Станува збор за 1,4 и 1,6 литарските мотори кои се користат и кај други модели од брендовите на Citroen, Peugeot, BMW и Mini.

Спортскиот модел Toyota GT86 користи мотор кој е “позајмен” од Subaru BRZ, додека пак Lotus Evora GT430 го користи V6 бензинскиот мотор со 430 КС развиен од страна на Toyota. Lamborghini Huracan Performante користи мотор од Audi и тоа оној најмоќниот, 5,2 литарски V10 мотор кој е вграден и кај Audi R8.

Моделите Aston Martin Vantage и Pagani Huayra користат мотори развиени од страна на Mercedes-AMG додека пак Smart Fortwo користи мотор од Renault.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK