Македонец е нов рекордер на патеката Моторпарк во Романија (ФОТО)

ОБЈАВЕНО НА:

Викендов на патеката „Моторпарк“ во Романија се возеа две трки од БМУ шампионатот, а вчерашната трка ќе остане запишана како рекордерска и за Македонија бидејќи најдобриот резултат е запишан зад мотоциклистот на Ендуро Тим Водно.

Христијан Бузалковски доминира сезонава во класата СП 125 см3 и веќе има три победи од досегашните четири трки, а во Романија немаше вистинска конкуренција. Откако во саботата возеше одлично на квалификациите и постигна рекордно време, вчера на трката покажа дека е во одлична форма.

Кругот долг 4,2 километри тој го помина за 2:02.3 со што постави ново најдобро време и сега овој резултат ќе биде предизвик за другите мотоциклисти од оваа класа, но и за него на следните трки во Романија.

„Имавме одличен викенд. Сè помина како што планиравме. Забележав две победи во Романија и тоа убедливо. И во саботата и во неделата имав предност од над десет секунди во однос на второпласираниот. Презадоволни сме од она што го направивме, па ова ќе биде мотив плус за мене и за мојот тим за натамошниот дел од сезоната. Одиме и понатаму во истиот ритам“, вели за 24 Ауто, Христијан Бузалковски, кој е лидер во класата СП 125цц после четири одржани трки.

Тој веќе има три победи и покажува дека годинава е главен кандидат за освојување на титулата. Самиот факт што успеа да постави и рекорд на патеката е доказа за одличната форма, а доколку на следната трка успее да го оспособи и моторот за трката во Ф600 тогаш ќе има можност за уште повеќе победи и одлични резултати.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK