Вака би можел да изгледа првиот SUV на Ferrari

ОБЈАВЕНО НА:

Дефинитивно еден од најочекуваните модели во наредните години ќе биде првиот SUV на италијанскиот спортски производител Ferrari.

Иако поранешниот прв човек на Ferrari, Серџо Маркијоне тактизираше со тоа дали Ferrari ќе лансира или не SUV модел, сепак порано годинава беше и официјално потврдено дека наскоро ќе биде претставен првиот SUV. За жал, иако сите очекуваа тоа да се случи следната или не подоцна од 2020 година, сепак последните информации говорат дека тоа ќе се случи во текот на 2021 или 2022 година.

Во меѓувреме со цел да се подгреат очекувањата, на интернет, Инстаграм корисникот ildar_project објави рендер од можниот изглед на овој автомобил. Од она што може да се забележи од рендерот, новиот SUV би имал заден спојлер, препознатливи кружни стоп светла со мали издатоци кон симболот на Ferrari кој е централно поставен на задниот дел. Тука е и препознатливиот издувен систем составен од четири отвори како и страничните отвори за разладување.

Сепак ова е само рендер за тоа како еден вљубеник во автомобилите го замислува првиот SUV, но неретко овие рендери во поголема или помала мера се покажуваат како точни. Но она што е сигурно во моментов е само дека првиот кросовер замислен како конкурент на Lamborghini Urus ќе го носи називот Purosangue.