Србија ќе субвенционира до 5.000 евра за купување хибридни и електрични возила

ОБЈАВЕНО НА:

Нашите соседи од север ќе имаат можност годинава да купат нов електричен или хибриден автомобил, а дел од сумата ќе ја плати државата. Согласно Уредбата за условите и начините на спроведување на субвенциите за набавка на нови електрични и хибридни возила, што Владата на Србија ја усвои на денешната седница, ќе се субвенционира купувањето на патнички и товарни возила во износ од 2.500 до 5.000 евра. .

Дополнително, како што соопшти Министерството за заштита на животната средина, планирани се субвенции во висина од 250 евра за набавка на мопеди и лесни трицикли.

За мотоцикл, мотоцикл со странично седиште, тежок трицикл, лесен и тежок четирицикл субвенцијата ќе изнесува 500 евра.

Право на субвенционирана набавка на возила имаат правни лица, претприемачи и физички лица кои барањето можат да го поднесат најдоцна до 31 октомври годинава.

Како што јавува агенцијата „Танјуг“, Министерството ќе доделува субвенции по добиени, уредни барања, до висината на вкупните расположливи средства.

За реализација на субвенционираната набавка на возила во буџетот се издвоени 294 милиони динари, што, како што се наведува, е двојно повеќе од лани.

Како дел од спроведувањето на мерките за подобрување на квалитетот на воздухот и со цел подобрување на квалитетот на животната средина, Министерството четврта година по ред поттикнува купување на електрични и хибридни автомобили.

Според податоците што ги објави Министерството, во 2020 година се купени 112 електрични и хибридни возила, во 2021 година 446, а лани 625 возила.

 

Следете не и на:

24AUTO NETWORK