Ако возиш пијан – трајно одземање на возачка дозвола!

ОБЈАВЕНО НА:

Истражувањата на РСБСП покажуваат дека 80 % од возачите во Република Македонија барем еднаш во животот возеле под дејство на алкохол, а 5 % тоа го прават често. За оние што возат во алкохолизирана состојба треба да има ригорозни казни, па дури и трајно одземање на возачката дозвола, а не како сега на максимално 12 месеци.

Овој податок покажува зошто се гине на патиштата во Македонија. На прашањето како да се стави крај на таа лоша навика, следува логичен одговор: прво и основно, контроли и казни за сите кои не го почитуваат Законот, за сите, без исклучок, кои го загрозуваат животот и безбедноста на учесниците во сообраќајот. Казните даваат ефект, но дали сите можат да бидат контролирани, дали сите можат да бидат казнети? Што е со свеста и со одговорноста?

Ако 80% од возачите некогаш возеле под дејство на алкохол, а 5 % тоа го прават често, иако нема официјален податок, многу веројатно е дека 85% од возачите не се казнети за возење под дејство на алкохол. Ова покажува дека возачите се многу вешти во избегнување на контролите, но истовремено покажува и дека не се свесни за опасностите од возење во пијана состојба.

Оние 5 % кои често возат пијани заслужуваат секаква осуда. За нив дефинитивно само големи казни, одземање на возачката дозвола и исклучување од сообраќајот, не привремено како што налага Законот (максимум 12 месеци), туку и трајно (со измена на законската регулатива). Нив слободно можеме да ги наречеме: несовесни, неодговорни, недостојни, непримерни возачи, па и личности. Тие претставуваат голема опасност за безбедноста во сообраќајот и за животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот. За ова, сите се сложуваме.

Што вие лично, преземате за да се намалат сообраќајните незгоди? Дали некогаш сте возеле под дејство на алкохол? Дали редовно ја почитувате законската одредба за нула толеранција алкохол во крвта за професионални возачи и за возачи почетници или одредбата т.е. ограничувањето за 0.50 г/кг алкохол во крвта за сите останати возачи?

Следете не и на:

24AUTO NETWORK