Лоша вест: Трета седмица со раст на цената на нафтата, и ќе….

ОБЈАВЕНО НА:

Трета седмица по ред на светските берзи расте цената на суровата нафта откако во многу земји има ублажување на мерките поврзани со корнавирусот а со тоа се зголемува и побарувачката за гориво. Залихите се намалуваат – со тоа и цената расте.

На лондонскиот пазар цената на барелот се зголеми минатата недела за 5,2 проценти, на 32,50 долари, додека на американскиот пазар, барелот се зголеми за скоро 20 проценти, на 29,43 долари. Цените на нафтата со месеци се наоѓаат под притисок, паѓајќи на најниско ниво за дваесет години, затоа што поради кризата со корона, сите најголеми светски економии паднаа во рецесија, така што побарувачката за црно злато нагло падна.

Сепак, во последните три недели, цените значително се зголемија бидејќи многу земји ги олеснаа рестриктивните мерки со оглед на забавување на ширењето на коронавирусот, така што побарувачката за нафта се засилува и резервите паѓаат.

Така, извештајот на американската влада, објавен во средата, покажа дека американските залихи на сурова нафта паднале минатата недела за прв пат од јануари.

Меѓутоа, Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) објави проценка дека глобалното снабдување со нафта ќе падне за околу 5,5 милиони барели на ден во втората половина од годината.

Побарувачката, исто така, се очекува да падне оваа година, за 8,6 милиони барели на ден. Најголемите светски производители веќе нагло го намалија производството. Неодамна, Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и независните производители, предводени од Русија, се согласија за најголемото намалување на производството во историјата, за 9,7 милиони барели на ден, што стапи на сила од 1 мај.

Покрај тоа, податоците покажуваат дека производството во САД брзо опаѓа.

Во извештајот објавен во петокот од Бејкер Хјуз, се вели дека бројот на активни бушотини во САД паднал деветта недела по ред минатата недела, за 35 од нив, на само 339, најниско ниво од моментот кога се следат податоците, бидејќи нафтената индустрија поради ниските цени на нафтата го намалува производството и инвестициите.

Пазарот, сепак, не е еуфоричен, бидејќи пандемијата на коронавирус сè уште не е завршена и се појавуваат нови случаи на инфекција во земји кои започнаа да ги олеснуваат рестриктивните мерки.

 

Следете не и на:

24AUTO NETWORK