Давидовски: Многу работам, и психички и физички – и возам се подобро

ОБЈАВЕНО НА:

Јас бев вклучен во една мешаница на самиот старт и предниот дел од возилото и ладилникот беа малку оштетени. Имав предупредување дека ладењето не е нормално, па затоа и на правците одев лево десно за да имам добро ладење, вели Виктор Давидовски во интервјуто за 24ауто по трката на Норисринг

Виктор Давидовски на двете трки на Норисринг викендов освои по 27 бодови, односно беше на четврто место. Подиумот беше секогаш блиску, но за македонскиот возач е најважно што во континуитет освојува бодови и се почесто е во врвот. После шест извозени трки во TCR Europe и двете четврти места на Норисринг, Виктор Давидовски ја вози најдобрата сезона. И останува лидер во Дајмонд Купот, каде ја брани титулата од лани.

Сезонава веќе има освоено 149 бодови, што е повеќе од претходните три сезони заедно на кои Давидовски возеше во TCR Europe. Македонскиот возач работи сериозно, посветено и макотрпно да покаже дека може да се носи со сите на патеката. Сезонава веќе има и победа на трка во Франција, со што стана првиот Македонец што триумфирал на оваа патека и во ова натпреварување.

„Јас искрено знаев дека сезонава ќе бидам најдобар досега. Многу работам, и психички и физички, на подигање на формата. И возам се подобро. Има уште место за подобрување секако, вели Виктор Давидовски за 24ауто по трката на Норисринг.

Во Германија викендов двапати беше четвртопласиран. Во квалиифкациите имаше трето најдобро време што исто така беше негов најдобар резултат. Неговото Audi беше доминантно на делови од патеката.

„Имавме одлично подготвени возила за топло време. Механичарите и инженерите го подготвија возилото речиси идеално, Тимската наредба беше да не ризикуваме, да возиме сигурно и да не форсираме без потреба. Јас бев вклучен во една мешаница на самиот старт и предниот дел од возилото и ладилникот беа малку оштетени. Имав предупредување дека ладењето не е нормално, па затоа и на правците одев лево десно за да имам добро ладење. Знаев дека Калејас можам да го минам и го чекав моментот. Задоволен сум секако, иако можев уште подобар резултат да постигнам. Секако ако притиснев повеќе ќе имав и резултат, но тимските наредби беа приоритет, вели Давидовски за 24ауто по трката.

Првпат сезонава TCR Europe се возеше на улична патека, нешто што му одговара на Давидовски.

Давидовски е лидер во Diamond Cup каде ја брани титулата

„Возев агресивно, но внимателно. Ваквите трки, кои се градски повеќе ми одговараат. Уште во квалификациите тоа го видов. Ни недостасуваше малку време да постигнеме и пол позиција. Цел викенд покажавме дека сме доминантни и дека имаме добра ротација. Тимските цели секогаш се на прво место, вели Давидовски кој во генерален пласман сега е на седмото место.

Лидер е неговиот клупски колега Франко Џиролами кој по триумфот на Норисринг го зголеми водството во генерален пласман и сега има 275 бода, пред Џек Фајлс со 203…

Следете не и на:

24AUTO NETWORK