Летните одмори се пред нас и секогаш главен фактор при изборот на дестинација е далечината и патот. Традиционално, патувањето со автомобил е прв избор за фамилијарен одмор, а во услови на КОВИД-19 е и најдобро и најбезбедно да се патува со сопствен автомобил.
Пред патувањето набавете средства за дезинфекција на база на алкохол и убаво исчистете го возилото. Патувањето со автомобил нуди најдобра заштита во време на корона кризата, но неопходно е при секоја пауза или посета на бензинска станица да ги почитувате протоколите како што се носење заштитна маска и држење дистанца, а потоа пред да влезете во автомобилот да направите дезинфекција на рацете. Дополнително, подгответе ситни пари за патарините, така што ќе ги плаќате точно и нема да треба да чекате кусур – ќе добиете на време и ќе се заштитите.
Колку и да звучи досадно, ова е единствен начин за безбедно патување во време на КОВИД-19, па затоа набавете доволно маски за лице и средства за дезинфекција за целиот одмор. Така ќе заштедите и пари и време, зошто нема да губите време на барање дезинфекциски средства додека да го запознаете местото каде сте сместени.
Патувањето со деца на далечни дестинации од предизвик може да биде вистинска авантура со мало планирање и организација. Пред тргнување подгответе се за многу попатни станици и планирајте повеќе време од вообичаеното потребно време за патување. Истражете го патот и подгответе попатни изненадувања, како мини пикник пауза по пат и др.
Пред подолги патувања можете да подготвите и некои игри за анимација на децата во текот на возењето, како што се, на пример, песни или видеа со кои патувањето ќе изгледа пократко. Бензинските станици се вообичаеното идеално место за пауза и нудат за сите по нешто – од кафе и тоалет, до интернет и простор за одмор. Сепак, во време на КОВИД-19 многу е важно да се почитуваат безбедносните и здравствените протоколи. Ако, патувате со деца и не сакате да ги ставите во искушение, можеби е подобро само еден да излезе од возилото и да ги направи неопходните набавки, а потоа да застанете на некое место со помалку гужва и да направите подолга пауза. Така ќе се заштитите и себе и останатите, нема да правите непотребна гужва на бензинската станица, ќе ги следите здравствените протоколи, а пред влегување во возилото никако не заборавајте да извршите дезинфекција на рацете.
Ситуацијата со корона вирусот ќе влијае и на пакувањето, па нема да можете да понесете облека и работи како вообичаено. Затоа, направете добар план и ставете акцент на најважното како што се: пешкири, долна облека, костим за капење, а доколку сте во можност понесете и постелнини и, секако, лекови.
Ако на одмор, вообичаено, изнајмувате лежалки или чадори, оваа година можеби е подобро да си понесете сопствени реквизити за на плажа.
Често запоставен, а важен детаљ за секое подолго патување е доброто пакување и уредениот багажен простор. Внимавајте на редоследот на работите во багажникот, течностите и работите кои може да истечат секогаш ставајте ги во исправена состојба и врзете ги во пластична кеса. Потешките работи ставете ги најдолу, а кршливите и понежните работи погоре. Планирајте секогаш први при рака да ви бидат работите кои може да ви затребаат непланирано, па да нема потреба да распакувате цел куфер. Добро е секогаш први на дофат да ви бидат по некоја резервна маица или топла обувка, како и несесерот со некои лекови, креми и слично.
Патувањето со автомобил гарантира најдобро држење дистанца додека патувате. Додека патувањето до некоја подалечна дестинација ова лето ви изгледа помалку реално, летувањето на некоја од домашните дестинации сѐ уште може да ви биде опција. Ако патувањето е некаде дома, тогаш немате потреба од осигурување, но доколку се одлучите за некоја од земјите од соседството задолжително извадете патничко осигурување и добро информирајте се што сѐ покрива тоа, без исклучок на КОВИД-19. Исто така, без разлика каде ќе патувате внимавајте на политиката за откажување на резервацијата, колку трошоци ќе имате доколку бидете принудени да го откажете патувањето поради, на пример, неочекуваното повторно воведување на карантин или забраната за патување од страна на властите.
МАКПЕТРОЛ ИНФО – ПОИНТ