БМУ мото сезоната тргнува на 13 април: Бузалковски подготвен за нова битка

ОБЈАВЕНО НА:

Со трките на патеката во Сер од 13 до 15 април ќе стартува новата сезона од БМУ Мото брзинскиот шампионат на кој и годинава ќе учествуваат македонските мотоциклисти. Како што и претходно информиравме годинава на трките првпат ќе има еден мотоциклист кој ќе се натпреварува во две класи. Тоа е Христијан Бузалковски, кој покрај тоа што ќе се натпреварува во својата СП 125 класа годинава ќе биде и во класата Ф600.

„После неколку години тркање, успеавме да дојдеме до мотоцикл кој е достоен за поголемата класа односно долгоочекуваната класа Ф600 и мораме да признаеме дека сме пресреќни околу тоа. Покрај среќата, мора да се соочиме и со фактот дека влегуваме на патека со далеку поискусните мотоциклисти. Јас и мојот тим напорно работиме, со цел што е можно поподготвени и на физички и на психички план да ја дочекаме новата сезона. Активно тренирам преку целата недела. Пет дена вежбам фитнес/кросфит со сопствен тренер, а во текот на викендот заедно со раководитлите на мојот клуб возиме Ендуро и крос. Се надевам дека сезоната ќе ја почнеме како што планираме и ќе оствариме одлични резултати“, вели Бузалковски.

Годинава се предвидени 12 трки во седум викенди. Сезоната ќе почне на средината од април во Сер, а потоа од 11 до 13 мај на „Мотопарк“ во Романија следуваат уште две трки. На 2 и 3 јуни се вози една трка во Плевен во Бугарија, а потоа од 15 до 17 јуни одново во Романија на уште две нови трки. Од 6 до 8 јули ќе има ново одмерување на силите во Сер, додека од 5 до 7 октомври ќе се вози по третпат на патеката во Романија. Последната 12. трка ќе биде на 20 и 21 октомври во Плевен кога ќе бидат познати новите шампиони.