Градот Скопје ја започна постапката за воведување на нов концепт на јавен превоз. Веќе е распишан јавниот оглас за изработка на проект за изградба на брз автобуски систем, поточно автобуско метро, за трасата Ѓорче Петров – Ново Лисиче (запад– исток), по што ќе се потпише договор со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и ќе биде објавен и оглас за набавка и воведување на новиот јавен превоз во Скопје.
Во тендарската документација се бара возилата да се движат по крајната лева лента и таа да биде одвоена од другите ленти, за да не може по неа да возат други возила или да се паркираат. Како што се наведува во јавниот оглас, основната цел на проектот е намалување на сообраќајниот метеж, зголемување на просторот за паркирање, намалување на загубите на време при патување, како и намалување на загадувањето на животната средина.
Своите понуди заинтересираните треба да ги достават најдоцна до 03.09.2020 година во 12:00 часот, кога и ќе се спроведе нивното јавно отворање. Трасата ќе биде со приближна должина од 12,81 километри во една насока, ќе има 21 автобуска постојка, два терминали и исто толку депоа. Воведувањето на новиот концепт на јавен превоз ќе чини 70 милиони евра.
Проектантот треба да предвиди дека сообраќајната лента за движење на возилата на „Бас рапид транзит“ (БРТ) во однос на останатиот моторизиран сообраќај треба да биде одвоена со посебни разграничувачи, со исклучок на крстосниците каде што треба да остане можност за мешање со останатиот моторен сообраќај.
Според објавениот јавен оглас, оваа траса ќе ја користат приближно 65.000 патници на ден. Со имплеметацијата на првата фаза од овој проект, се очекува времето на патување од сегашните 70 минути, да се намали за повеќе од 50 проценти, да се зголеми фреквенцијата на автобусите на 3 до 4 минути, а автобусите да бидат хибридни (CNG погон), со должина од 18 метри.
Во јавниот оглас се предвидува улицата „Диитрија Чуповски“ да биде пешачка зона и трасата да биде наменета исклучиво за возила од јавниот превоз кои ќе се движат со брзина на пешаци.