Вака треба и кај нас: За правење селфи казна, па и одземање на возачка

ОБЈАВЕНО НА:

Користењето на мобилниот апарат додека возите претставува голем ризик по безбедноста, и затоа не изненадуваат сѐ повисоките и построги казни за возачите кои не се двојат од мобилниот телефон и додека возат. Регулативата станува подеднакво креативна како и возачите, па се воведуваат забрани и казни и за селфија, како и нивно шерување на социјалните мрежи.

Во Македонија, на пример регулативата во однос на користењето на мобилниот телефон во возило е многу едноставна. Законот предвидува забрана за возачот да користи мобилен додека вози, а непослушните возачи се казнуваат со мандантна глоба од 40 евра во денарска противвредност или им се регистрираат 25 негативни бода.

Во Велика Британија, пак, пред два месеци властите воведоа и парична казна за возачите кои прават селфи додека возат. Односно, за селфи возачот може да добие забрана за управување со возило, парична казна од 200 евра и 6 казнени поени. Со вкупно 12 казнени поени на возачот му се одзема возачката дозвола.

Новото ограничување, пак, предизвика бројни реакции по социјалните мрежи, особено меѓу помладите Британци кои во знак на протест зачестено се сликаат додека возат и сликите ги објавуваат на Instagram и на Twitter. Популарниот хаштаг #drivingselfie само на Instagram се појавува во над 30 илјади објави.

Според последните измени на законите за користење на мобилките од страна на возачите, објавата на селфи за возачите, кои имаат помалку од две години искуство, може да значи и итна забрана за управување со возило. Односно, во првите две години возачот со првите 6 казнени поени ја губи возачката.

Британскиот закон е строг, возачот не смее да држи мобилен телефон во рака доколку моторот на возилото работи.

Во зависност од прекршокот казната може да достигне до 1000 фунти.
Возачот Пит Хемлси, кој во април годинава по воведувањето на новите правила, доби парична казна откако на Twitter објави селфи на кое се забележува дека возилото е во движење.

Ново истражување на Goodyear tyres сугерира дека 43 проценти од возачите го користат мобилниот додека возат, независно од можноста да добијат казна.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK