Volkswagen се изјасни виновен за дизел скандалот пред судот во САД

ОБЈАВЕНО НА:

Најголемиот автопроизводител во светот, во САД и официјално е престапник, иако без судска пресуда. Volkswagen Group се спогоди со обвинителството и се изјасни виновна пред американските судови за три престапи: завера, попречување на правдата и увоз на стока во САД со лажна декларација.

Компанијата се изјасни виновна и за увоз на речиси 590 илјади турбодизел возила кои ги прекршуваат прописите за чист воздух.

На крајот од 70-минутното сослушување, окружниот судија Шон Кокс рече дека му е потребно повеќе време да одлучи за спогодбата вредна 4,3 милијарди долари во парична казна и други активности, со оглед на сериозноста на криминалот.

Со тоа, во петокот, Volkswagen Group за првпат се изјаснила дека е виновна за криминално однесување пред суд, изјавил за Ројтерс порпарол на компанијата.
Според првите објави, спогодбата превидува казни вредни 4,3 милијарди долари, како и понатамоѓна соработка меѓу автопроизводителот и федералните и државни истражувачи.

Спогодбата предвидува Volkswagen да биде под независен мониторинг во следните најмалку три години, како и други мерки кои треба да гарантираат дека компанијата во иднина ќе ги почитува законите.

Судот закажа ново сослушување на 21 април годинава, кога треба да ја соопштат пресудата. Доколку Групацијата не се спогодеше, ќе се соочеше со потенцијални казни од 17 милијарди до 34 милијарди долари.

Следната недела, во Волсбург во Германија, автопроизводителот треба да ја одржи годишната прес-конференција на која се очекува главните менаџери да информираат подетално за тековниот скандал.

Следете не и на:

24AUTO NETWORK