Законот важи за сите: Бивш премиер остана без возачка дозвола поради алкохол

ОБЈАВЕНО НА:

Поранешниот канцелар на Австрија, Бригите Бирлајн остана без возачка дозвола откако беше фатена да вози во алкохолизирана состојба. Според информациите од весникот Krоnеn Zеitung, 70-годишната политичарка вечерала со пријателите во ресторан во центарот на Виена откако решила да се врати дома со својот автомобил.

Полицијата ја запрела Бирлајн околу полноќ и ја проверила со алкотест. Притоа тестот покажал 0,9 промили алкохол во крвта на екс-канцеларот, па веднаш била одземена возачката дозвола.

„Жалам, после вечерата со пријателите се качив во автомобилот иако имав пиено. Моето однесување не соодвествува со високите стандарди и не е модел за поддршка. Искрено жалам поради ова“, изјавила Бирлајн пред Krоnеn Zеitung.

Бригитe Бирлaјн е поранешен главен обвинител на Австрија и член на извршниот совет на Меѓународната асоцијација на обвинителите, а во јануари 2018 година таа стана првата жена на чело на австрискиот Конституциски суд. Од јуни 2019 до јануари 2020 година времено ја водеше владата на Австрија после оставката на Себастијан Курц, што ја направи првата дама на оваа позиција.

Максималното дозволено количество на алкохол во крвта при управување на автомобил според австриското законодавство е 0,5 промили, а за носителите на привремена возачка дозвола и возачи на камиони и автобуси е 0,1. Висината на казните за возење во пијана состојба почнува од 220 евра.

 

Следете не и на:

24AUTO NETWORK