Euro Twingo Cup: Блажевски четвртопласиран на Хунгароринг – неприкосновен меѓу Македонците

ОБЈАВЕНО НА:

Три победи по ред за Блажевски сезонава на четири трки. Најдобар пласман во кариерата за Борис Стојменов, и прв подиум за Слободан Трајковски по 10 трки. Бојан Петрушевски поради казната од 30 секунди падна од второ на петто место.

Со третата победа по ред сезонава од четири трки, и двоен трумф на Хунгароринг Марко Блажевски го зголеми водството во генерален пласман во првенството на Македонија во Twingo Cup. Блажевски беше четвртопласиран во генерален пласман во конкуренција на 25 возачи. На Хунгароринг настапија и седуммина Македонци кои се борат за титулата во домашното првенство.

Блажевски кој е член на АКК Проспорт и актуелен првак во Twingo Cup во првенството на Македонија, сега има 72 бода во генерален пласман во првенството на Македонија по четири извозени трки.
Тој има дури 19 повеќе од Бојан Петрушевски кој на втората трка на Хунгароринг првично заврши како деветтопласиран,односно втор меѓу Македонците. Но, по завршување на трката судиите му доделија казна од 30 секунди поради престигнување кога беше покажано жолто знаме. Тоа го симна дури на 19. место во генерален пласман, и петтопласиран во првенството на Македонија.

Второто место на подиумот меѓу Македонците го освои Владимир Треневски кој заврши на шестото место. Вчера имаше проблем и остана на крајот од колоната на последното 22 место, но денеска возеше сигурно и без влегување во ситуации кои можат да му донесат проблеми. Претходно лани во Австрија исто така беше втор во конкуренција на македонските возачи, а потоа и третопласиран на Серес.

Од казната на Петрушевски најмногу профитираше Слободан Трајковски кој од четвртото место се искачи на третото, односно на пиедесталот. Трката ја заврши на 14. место во генерален пласман, едно пред Борис Стојменов. За Трајковски ова е прв подиум по 11 месеци и десет трки (последне пат беше третопласиран на Ред Бул ринг во Австрија во јуни 2022)

Трката почна според редоследот од првата трка, а таму Марко Блажевски беше седмопласиран. Но уште во првиот круг скокна едно место и таму остана се до 6 круг кога трката продолжи откако претходно на патеката беше излезено безбедносното возило. На Лука Глазер му испадна задното тркало, и тој се изврте, а за среќа Блажевски беше зад него но не беше вклучен во инцидентот. Поучен од првата трка кога победата му избега во последните два круга кога безбедносното возило беше на патеката, сега откако истото се повлече во боксот уште на првиот свиок Блажевски ги престигна тие пред него, и како четвропласиран продолжи да вози се до 90 секунди пред крај.

Повторно имаше инцидент во кој беше вмешан Бранко Рафајловски, чие возило не ја заврши трката, но сепак освои бодови. И Мурис Хамзиќ не ја заврши трката, бидејќи и тој имаше проблеми.

Словенечките возачи повторно победија, а сега на пидесеталот се искачи Миха Фабијан, пред сонародникот Рок Церар и Србинот Михајло Младеновиќ.

Следната трка треба да се вози на 10 и 11 јуни на Словакијаринг во Словачка.

Пласман од Хунгароринг – трка 2 (првенство на Македонија)
1. Марко Блажевски
2. Владимир Треневски
3. Слободан Трајковски
4. Борис Стојменов
5. Бојан Петрушевски
6. Бранко Рафајловски
7. Мурис Хамзиќ

Пласман по 4 трки (Првенство на Македонија)
1. Марко Блажевски 72 бода
2. Бојан Петрушевски 53
3. Владимир Треневски 49
4. Мурис Хамзиќ 28
5. Борис Стојменов 28
6. Слободан Трајковски 26
7. Борис Рафајловски 25
7. Зоран Мираковски 22

Следете не и на:

24AUTO NETWORK