Давид Малинковски е првиот Македонец што ќе вози во Clio Cup

ОБЈАВЕНО НА:

Откако лани стана севкупен победник по трите сезони на Twingo Cup во првенството на Македонија, Давид Малинковски во 2023 година ќе има нов предизвик – ќе седне зад управувачот на Renault Clio и ќе вози во посериозно, поконкурентно и тркачки понеизвесно првенство.

Тој е првиот Македонец што ќе вози во ESET Clio Cup и ќе настапи на сите шест планирани тркачки викенди што ќе се возат во периодот од април до септември на пет различни патеки во Европа.
Малинковски и сега ќе вози за тимот на AKK Рено Спорт за кој настапуваше и досега во Twingo Cup. Ќе вози петта генерација на Clio Cup 5 со турбо мотор и 220 КС и секвенционален менувач со 6 степени.

Тој уште летово на патеката Гробник во Хрватска првпат го тестираше возилото, а сега се наоѓа во Италија каде ги има и првите официјални тестирања пред почетокот на новата сезона.

Clio Cup важи за отскочна даска на речиси сите досегашни професионални возачи кои својата кариера ја продолжуваат потоа во многу посериозни тркачки серии, па дури и во Формула 2 и Формула 1. Tоа е серија во која повторно до израз доаѓаат возачките способности, но се учат и сите други тајни околу подготовката на возилото.

Фото: Слободан Ѓуриќ

Календарот на ESET Clio Cup се состои од 6 тркачки викенди и едно предсезонско тестирање. Првиот тркачки викенд се вози на 8 и 9 април во Ошерслебен (Германија). Потоа серијата продолжува во Унгарија на патеката Хунгароринг (29/30 април), а на 20 и 21 мај ќе се вози на патеката Ред Бул Ринг во Австрија. Во текот на летото, во август се предвидени две трки, првата во Чешка на патеката Мост (5/6 август), а на 19 и 20 август на Словакиа Ринг. Сезоната ќе заврши на 9 и 10 септември на патеката Брно во Чешка.

Во првите три сезони од Twingo Cup во првенството на Македонија, Малинковски настапи на сите 24 трки што се организираа во Македонија, но и на познати патеки низ Европа во трите сезони од Twingo Cup. Настапувајќи за тимот на АКК Рено Спорт, тој освои вкупно 351 бод и убедливо беше најуспешен возач. Како награда го доби електричното Renault Twizzy.

 

Следете не и на:

24AUTO NETWORK