Најпродаваниот автомобил во историјата слави 60 години – Toyota подготви изненадување

ОБЈАВЕНО НА:

СПОДЕЛИ:

ПОВРЗАНИ НАПИСИ

Од скромен семеен автомобил со мотор од 60 КС до модерен хибрид со напредна технологија, Toyota Corolla помина пат долг шест децении. Најпродаваниот автомобилски модел во историјата го слави јубилејот со специјални изданија, а неговата приказна сè уште не е завршена.

 

- Advertisement -

📲 Автомобилските вести – директно на твојот мобилен!
Приклучи се на viber
– https://abit.ly/24auto-viber и следи ги новостите од светот на автомобилите.
🚗 Со еден клик до сите вести!

 

Toyota Corolla во 2026 година одбележува 60 години од своето појавување на пазарот, со повеќе од 57 милиони продадени автомобили низ светот. Од првата генерација претставена во 1966 година до денешната, дванаесетта генерација, Corolla стана најпродаваното автомобилско име во историјата. Денес се произведува во 14 производствени центри во 11 земји, а Toyota го одбележува јубилејот со специјални изданија за европскиот пазар.

Речиси и да нема друг автомобил што толку долго успеал да остане присутен во секојдневието на возачите. Corolla се менувала со генерациите, од мала лимузина до хечбек, караван, купе и SUV, но основната идеја останала непроменета – практичен, сигурен и релативно достапен автомобил наменет за широка група купувачи.

И токму во тоа се крие голем дел од нејзиниот успех. Corolla никогаш не морала да биде најбрза, најлуксузна или технолошки најнапредна во својата класа. Наместо тоа, Toyota со децении се обидувала да понуди автомобил што ќе одговори на потребите на различни генерации возачи.

Сè започна во 1966 година со мотор од само 60 КС

Првата Toyota Corolla беше претставена на Саемот за автомобили во Токио во 1966 година, а продажбата во Јапонија започна во ноември истата година. Автомобилот првично се нудел како лимузина со две врати, со 1,1-литарски бензински мотор што развивал 60 КС. За тоа време, моделот имал неколку интересни технички решенија, меѓу кои четиристепен мануелен менувач поставен на подот, диск-сопирачки и сигурносни појаси.

Toyota дури изградила посебна фабрика во Такаока за производство на новиот модел, што покажува колку големи биле очекувањата. Успехот пристигнал брзо. Само три години по премиерата, Corolla станала најпродаваниот автомобил во Јапонија.

Втората генерација пристигнала во 1970 година, кога моделот веќе ја достигнал бројката од еден милион продадени примероци. Понудата се проширила со спортски купе-верзии, подобра опрема и посовремени мотори.

Од класичен семеен автомобил до легендарната AE86

Во следните две децении Corolla постојано се развивала. Третата генерација од 1974 година донела подобра аеродинамика и повисоки стандарди за безбедност, додека четвртата генерација од 1979 година го вовела и дизелскиот мотор во понудата.

Една од најголемите промени се случила во 1983 година, со петтата генерација. Тогаш Corolla започнала со преминување на преден погон, што овозможило подобро искористување на просторот во кабината. Сепак, Toyota задржала и спортски верзии со погон на задните тркала.

Токму од овој период потекнува легендарната Toyota Corolla AE86, автомобил кој подоцна стекнал култен статус меѓу љубителите на спортското возење и дрифтот. AE86 имала 1,6-литарски бензински мотор со 130 КС, маса помала од еден тон и погон на задните тркала. Забрзувала од 0 до 100 км/ч за приближно 8,3 секунди.

Популарноста дополнително се зголемила благодарение на јапонската манга и аниме-серија Initial D, во која AE86 има централна улога. И денес овој автомобил е еден од најбараните класични спортски модели на Toyota.

Corolla имаше и големи успеси во мотоспортот

Иако Corolla првенствено е позната како семеен автомобил, нејзината историја вклучува и значајни резултати на тркачките патеки и рели-натпреварувањата. Toyota со Corolla ја остварила својата прва победа во Светскиот рели-шампионат, а во 1999 година Corolla WRC ѝ ја донесе на јапонската компанија титулата кај производителите.

Спортската приказна продолжува и денес. Corolla се користи во различни тркачки серии, а Toyota експериментира и со верзии што користат водород како гориво за мотор со внатрешно согорување. На тој начин, автомобилот кој првично бил создаден за семејно користење станал и важна платформа за развој на нови технологии.

Речиси 9,5 милиони Corolla се продадени во Европа

Европскиот пазар има посебно место во историјата на Corolla. Првите автомобили пристигнале во Европа во април 1967 година, а во 1971 година започнало склопување во Португалија. Целосното производство во Европа започнало во 1994 година во Турција, додека британската фабрика во Барнастон станала важен производствен центар во 1998 година.

Досега на европскиот пазар се продадени речиси 9,5 милиони автомобили Corolla, што претставува приближно една шестина од вкупната светска продажба. Денес во Велика Британија се произведуваат хечбек и караванската верзија Touring Sports, додека во Турција се произведува Corolla Sedan.

Европската приказна има уште една интересна епизода. Во 2007 година Toyota го замени името Corolla со Auris за хечбек-верзијата во Европа, додека лимузината продолжи да го носи оригиналното име. Во 2019 година, со дванаесеттата генерација, името Corolla повторно се врати и кај хечбекот и караванот.

Од бензин и дизел до хибриден погон

Во шесте децении Corolla користела различни видови мотори, од мали бензински агрегати до дизелски и спортски верзии. Голема промена настапила во 2010 година, кога Toyota започнала со производство на Auris Hybrid во Велика Британија. Тоа бил првиот масовно произведуван хибриден автомобил на Toyota во Европа.

Со дванаесеттата генерација, претставена во 2019 година, хибридната технологија добила уште поголема улога. Современата Corolla е поставена на платформата Toyota New Global Architecture (TNGA-C), која носи пониско тежиште, поголема цврстина на каросеријата и подобри возни карактеристики.

На европскиот пазар Corolla во текот на актуелната генерација беше достапна со различни хибридни системи, вклучувајќи 1,8-литарски и 2,0-литарски погонски единици, зависно од верзијата и моделската година. Toyota продолжува да го развива моделот во согласност со различните барања на пазарите, па понудата на мотори и опрема не е иста во сите земји.

За 60-тиот роденден Toyota подготви специјални верзии

По повод големиот јубилеј, Toyota претстави специјални изданија Corolla 60th Anniversary. Тие ќе бидат достапни во три каросериски верзии – Hatchback, Touring Sports и Sedan. Хечбекот и караванот добиваат ексклузивна металик боја New Boreal Blue, комбинирана со црн покрив и црни столбови. Надворешноста е дополнета со 17-инчни алуминиумски тркала со посебен дизајн, декоративни елементи и ознаки што потсетуваат на 60-годишнината.

Лимузината, која се произведува во Турција, ќе биде препознатлива по специјалната Lunar Sky Blue боја, а има и дополнителни декоративни детали. Во кабината се вклучени прагови со јубилејални ознаки и посебни патосници. Современата опрема вклучува 12,3-инчен дигитален инструмент-панел и мултимедијален систем Toyota Smart Connect+ со екран од 10,5 инчи.

Тука е и пакетот Toyota T-Mate со системи за активна безбедност, меѓу кои автоматско сопирање во итни ситуации, адаптивен темпомат и системи за одржување на возилото во сообраќајната лента. Според Toyota, специјалните јубилејални верзии веќе можат да се нарачаат на предвидените пазари, а првите испораки се планирани за крајот на октомври 2026 година.

Цените не се наведени во европското соопштение и ќе зависат од конкретниот пазар.

Што носи иднината за најпродаваниот автомобил во светот?

Toyota веќе навести како би можела да изгледа следната фаза од развојот на Corolla. На Japan Mobility Show во 2025 година беше претставен Corolla Concept, со значително поинаков дизајн од актуелниот модел. Концептот се одликува со модерни линии, голема стаклена површина и ентериер што се обидува максимално да го искористи расположливиот простор.

Особено важно е што концептот е замислен за можност за користење различни погонски технологии, што остава простор за идни бензински, хибридни или целосно електрични решенија. Засега Toyota не објавува конечни технички спецификации за следната сериска генерација, ниту потврдува кога ќе започне нејзината продажба.

 

🚗 Читај 24AUTO.MK и на Viber!
Автомобилски вести директно на твојот мобилен.
📲 Viber групата на семејството на 24AUTO.MK.  и биди во тек!

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Патувања

НАЈЧИТАНИ

Новитети

Магазин

Тест

Додатоци

Вози на струја