„Мотоцентар“ и финскиот производител ги претставија Snowproof 3P, Powerproof E и Wetproof 2 – три различни модели развиени за безбедност во зимски услови, стабилност при повисоки брзини и сигурно возење на влажен коловоз.
📲 Автомобилските вести – директно на твојот мобилен!
Приклучи се на viber – https://abit.ly/24auto-viber и следи ги новостите од светот на автомобилите.
🚗 Со еден клик до сите вести!
Променливите временски услови бараат пневматик кој нема да биде добар само во една дисциплина. Токму затоа, во фокусот на презентацијата на Nokian Tyres и „Мотоцентар“ во Скопје беа три нови модели со различна намена – зимскиот Snowproof 3P и летните Powerproof E и Wetproof 2.
24auto присуствуваше на презентацијата, одржана во Park by Ragusa Group, на која претставниците на финскиот производител ги објаснија технологиите, развојот и начинот на тестирање на новата генерација пневматици. Пред присутните говореа Ведран Грубишиќ, регионален менаџер за продажба за Балканот, и Јан Гаврон, технички продукт-менаџер за Централна Европа, заедно со претставници на раководството на „Мотоцентар“.

Snowproof 3P – зимски пневматик за променливи услови
Главниот зимски новитет беше Nokian Tyres Snowproof 3P, пневматик развиен за возачите од Централна и Јужна Европа. Тоа значи дека не е насочен само кон длабок снег, туку и кон условите со кои најчесто се соочуваме во Македонија – студен и сув асфалт, дожд, кашест снег, мраз и брзи промени на температурата.
Основата на моделот е концептот Alpine Performance 3.0, кој ги обединува смесата Alpine Grip Compound и дизајнот Triple Zone Tread. Шарата е поделена на три функционални зони, задолжени за прилепување на снег, исфрлање на водата и кашестиот снег, како и за стабилност во свиоци.
Triple Action Siping технологијата користи различно поставени ламели за подобро прилепување, додека поцврстата конструкција и засилените рамени блокови обезбедуваат попрецизно управување при повисоки брзини. Големиот заштитен раб околу фелната треба да ја намали можноста за оштетување при контакт со рабник или друга пречка.
Според Nokian Tyres, посебно внимание е посветено и на намалувањето на бучавата, без тоа да биде на сметка на зимското прилепување и реакциите на воланот. Snowproof 3P го има добиено и Premium Tire Mark од независната организација TÜV SÜD.

Powerproof E – ефикасност без жртвување на перформансите
Powerproof E е летен пневматик создаден за модерни патнички автомобили, кросовери и SUV модели, вклучувајќи електрични и хибридни возила. Буквата „E“ го нагласува фокусот кон ефикасноста, но идејата не е нискиот отпор при тркалање да се постигне со компромис во поглед на сигурноста.
Моделот користи Motion Control Technology, која ги поврзува шарата, гумената смеса и конструкцијата во една целина. Stability Support Core и цврстите рамени блокови придонесуваат за стабилност и попрецизни реакции, додека Precision Grip Compound е развиена за сигурно прилепување на влажен коловоз.
Energy Flow Tread и оптимизираниот дијаметар на пневматикот ја намалуваат деформацијата при движење. Со тоа се намалуваат отпорот при тркалање и потрошувачката на енергија, што е особено важно кај електричните автомобили, каде секое подобрување може да придонесе за поголем досег.
Powerproof E има оцена А во сите три категории на европската ознака за пневматици – прилепување на влажно, отпор при тркалање и надворешна бучава. Во зависност од димензијата, уделот на рециклирани и обновливи материјали изнесува меѓу 40,9 и 42,8 проценти.
Wetproof 2 – создаден за дожд и семејни автомобили
Nokian Tyres Wetproof 2 е летен пневматик насочен кон патнички и семејни автомобили, каде приоритет се предвидливото однесување, удобноста и сигурноста на влажен пат. Новата шара и гумената смеса се развиени за пократко сопирање и подобро управување при дожд. Оптимизираната контактна површина помага пневматикот да се троши рамномерно, додека измените во шарата придонесуваат за намален отпор при тркалање и пониско ниво на бучава.
Сите димензии на Wetproof 2 имаат оцена А за прилепување на влажен коловоз. Во зависност од димензијата, оцените за отпор при тркалање се Б или Ц, а за надворешната бучава А или Б. Моделот е тестиран и приспособен за употреба кај електрични автомобили, кај кои поголемата маса и моментално достапниот вртежен момент поставуваат дополнителни барања пред пневматиците.
Финско искуство кое започна во 1934 година
Nokian Tyres го произведе првиот зимски пневматик во светот во 1934 година. Денес компанијата продолжува да ги тестира своите зимски производи во центарот White Hell во Ивало, северно од Арктичкиот Круг, но и на полигони во Финска и Шпанија, за да ги опфати различните европски услови.
„Нашата цел е на македонските возачи да им овозможиме пристап до најдобрите технологии во светот на пневматиците. Со Nokian Tyres нудиме комбинација од врвен квалитет, напредна безбедност и одржливост“, истакна генералниот директор на „Мотоцентар“, Горан Гроздоски.
„Со Snowproof 3P носиме ново ниво на сигурност и комфор, создадено преку екстремни тестирања и долгогодишно искуство“, посочи Ведран Грубишиќ од Nokian Tyres.
„Мотоцентар“ е присутен на македонскиот пазар повеќе од три децении и располага со десет сервисно-продажни центри во пет градови. Новите модели од палетата на Nokian Tyres ќе бидат достапни преку продажната мрежа на компанијата.
🚗 Читај 24AUTO.MK и на Viber!
Автомобилски вести директно на твојот мобилен.
📲 Viber групата на семејството на 24AUTO.MK. и биди во тек!








