Skoda претстави интересно безбедносно решение за урбаниот сообраќај – DuoBell, велосипедско ѕвонче развиено да биде чујно дури и за пешаци кои носат слушалки со „active noise cancellation“. Новитетот е создаден во соработка со научници од University of Salford, а идејата е едноставна: да се намалат судирите меѓу велосипедисти и невнимателни пешаци во градските средини.
Иако на прв поглед станува збор за обично механичко ѕвонче, зад DuoBell стои сериозно истражување. Тим од истражувачи и аудиолози, заедно со Skoda, анализирал како ANC системите во модерните слушалки влијаат врз чујноста на класичните велосипедски ѕвонци. Заклучокот бил јасен – многу стандардни ѕвонци едноставно не успеваат да се пробијат низ филтрите на овие слушалки, што претставува реален безбедносен проблем во градовите.
Одговорот е DuoBell- аналогно решение за дигитален проблем. Во текот на акустичните тестирања, истражувачите откриле тесен фреквентен опсег меѓу 750 и 780 Hz, наречен „безбедносен процеп“, кој полесно продира низ ANC филтрите. Токму на таа фреквенција работи новото ѕвонче. Покрај тоа, DuoBell има и дополнителен резонатор, по што и го добива името, како и специјално осмислен механизам со брзи и неправилни удари, создавајќи звучни бранови што алгоритмите не можат доволно брзо да ги потиснат.
Skoda наведува дека тестирањата покажале многу конкретен безбедносен ефект. Пешаците што носеле ANC слушалки добивале до 22 метри дополнително растојание за реакција кога се активирало DuoBell, што може да биде клучна разлика во реална сообраќајна ситуација. Во практичните тестови низ улиците на Лондон, спроведени во февруари во соработка со курири на Deliveroo, ѕвончето се покажало толку ефикасно што дел од учесниците сакале да го задржат и по завршувањето на тестирањето.
Причината зошто Skoda воопшто се зафатила со ваков проект лежи во промените во современиот градски ритам. Според компанијата, бројот на велосипедисти во големите градови постојано расте, а во Лондон оваа година се очекува велосипедистите за првпат да ги надминат возачите на автомобили. Во исто време, во 2024 година бројот на инциденти меѓу велосипедисти и невнимателни пешаци во Лондон пораснал за 24 проценти, додека на улиците и до половина од пешаците носат слушалки со ANC.
Во Skoda велат дека проектот совршено се вклопува во нивната филозофија „Simply Clever“. Глобалната директорка за маркетинг, Meredith Kelly, посочува дека токму ваквите едноставни, но паметни идеи можат да придонесат за побезбедно движење за сите. Од дизајнерски аспект, пак, прототипите се инспирирани од актуелниот Modern Solid јазик на брендот, со бои, материјали и завршни обработки преземени од автомобилите на Skoda, како и со новото лого на компанијата.
Приказната има и симболична тежина. Skoda потсетува дека уште пред повеќе од 130 години започнала токму со производство на велосипеди, а и денес е длабоко вклучена во велосипедизмот, преку Tour de France, La Vuelta, Paris-Roubaix, Liège-Bastogne-Liège, како и преку партнерствата за UCI Mountain Bike World Championships и UCI Gravel World Championships во сезоната 2026. DuoBell затоа не е само интересен експеримент, туку и логично продолжение на една стара врска меѓу брендот и велосипедската култура.
Со овој проект Skoda не претставува само уште едно необично додатно решение за велосипедисти, туку отвора и поширока тема – како класичните механички решенија, кога се поткрепени со наука, можат да бидат поефикасни од многу посложени дигитални системи. DuoBell е мал изум, но со многу јасна цел: побезбедни улици за сите учесници во сообраќајот.









