Швајцарскиот стартап Synhelion, кој се занимава со чиста енергија, направи значаен исчекор во развојот на дизел гориво произведено исклучиво со помош на сончева енергија. Овој иновативен пристап не само што нуди решение за декарбонизација на тешкиот транспорт и авијацијата, туку овозможува и користење на постојната инфраструктура без никакви модификации. Веста пренесена од The Wall Street Journal го истакнува потенцијалот за практична и одржлива алтернатива на класичниот дизел.
Во неодамнешна демонстрација на езерото Луцерн, компанијата Lake Lucerne Navigation Co. успешно управуваше со 110-годишен пароброд користејќи „сончев дизел“ од Synhelion. Ова е прв ваков случај во светот каде стар брод работи со гориво добиено директно од сонцето.
„Ова е убава демонстрација, но само почеток,“ изјави извршниот директор на Synhelion, Филип Ферлер. Целта на компанијата е да создаде одржливо гориво базирано на дизел, кое ќе може масовно да се користи.
Како функционира „сончевиот дизел“?
Технологијата на Synhelion се заснова на претворање на концентрирана сончева енергија во високоенергетска топлина. Таа топлина се користи за разградување на јаглерод диоксид и метан (од земјоделски отпад) во водород и јаглерод моноксид. Овие гасови се комбинираат во подолги јаглеводороди, меѓу кои и дизел гориво.
Најголемата предност на ова гориво е тоа што може да се користи во постојните мотори на фосилни горива без никакви измени – идеално решение за авијација, бродови, но и автомобили. Притоа, според проценки, емисиите на стакленички гасови може да се намалат за околу 80% при едно патување.
Транспортот е одговорен за 20–25% од глобалните емисии, што го прави критична точка за декарбонизација. Synhelion веќе собра 90 милиони швајцарски франци и произведува „сончево гориво“ од пилот постројка во Јулих, Германија. Следната фаза е проширување со фабрики во сончеви региони како Шпанија, Мароко и Оман.
„Сега предизвикот е проширувањето – тоа бара огромни инвестиции,“ вели Ферлер. „Имаме технологија, но ни треба капитал за да го направиме скокот.