Електронското плаќање станува сè попопуларно и веќе учествува со 36 проценти во прометот на наплатните станици каде што е достапно. Најмногу возила поминале кај Тетово, но најголем приход остварила патарината кај Романовце.
📲 Автомобилските вести – директно на твојот мобилен!
Приклучи се на viber – https://abit.ly/24auto-viber и следи ги новостите од светот на автомобилите.
🚗 Со еден клик до сите вести!
Од почетокот на 2026 година до крајот на јуни, од наплатата на патарини во Македонија се собрани 1.919.775.277 денари, односно приближно 31,2 милиони евра. Приходот е повисок за 21.891.532 денари во споредба со истиот период од 2025 година, покажуваат податоците на Јавното претпријатие за државни патишта. Тоа значи дека во првите шест месеци од годинава од патарините просечно се собирале околу 320 милиони денари месечно, односно нешто повеќе од 5,2 милиони евра.
Иако разликата во однос на претходната година изнесува околу 356.000 евра, од ЈПДП наплатата во првото полугодие ја оценуваат како рекордна.
Најфреквентна наплатна станица во земјава е Тетово. Според бројот на возила, потоа следуваат Петровец, Романовце, Глумово, Миладиновци, Желино, Гостивар, Стоби, Кадрифаково, Преод, Сопот, Демир Капија, Отовица и Гевгелија.
Значително расте и користењето на електронската наплата. На 11 наплатни станици каде што е воведен системот, плаќањата преку М-ТАГ и М-КАРД учествуваат со 36 проценти во вкупниот промет. М-ТАГ им овозможува на возачите да поминат низ посебната лента без застанување, додека со М-КАРД патарината се плаќа бесконтактно, но преку лентите наменети за овој вид плаќање.
Во текот на 2025 година, заклучно со 23 декември, од наплатата на патарини биле остварени 4.158.914.362 денари, односно околу 67,6 милиони евра. Приходите од патарини бележат континуиран раст во последните години. Во 2024 година биле собрани околу 66,5 милиони евра, во 2023 година нешто повеќе од 62 милиони евра, а во 2022 година околу 53,2 милиони евра.
📲 Автомобилските вести – директно на твојот мобилен!
Приклучи се на viber – https://abit.ly/24auto-viber и следи ги новостите од светот на автомобилите.
🚗 Со еден клик до сите вести!








