Кога Mercedes-Benz ја претстави електричната верзија на легендарниот G-класa – моделот G580 EQ Technology – тоа требаше да биде голем чекор напред во електрификацијата на овој иконски SUV. Но, една година подоцна, пазарот речиси и да не покажува интерес. Со разочарувачки продажби, компанијата веќе размислува да се врати кон бензински или хибридни верзии за идниот „baby G“ модел.
Продажбата разочарува на сите фронтови. И покрај надворешната сличност со класичниот G-класa, електричниот модел не успеа да ги убеди купувачите. До крајот на април, во Европа се продадени само 1.450 примероци, во Јужна Кореја 61, а во Кина – само 58. Според некои извештаи, во САД не е продаден ниту еден автомобил.
Во меѓувреме, класичниот G-класa со мотор со внатрешно согорување и понатаму бележи силна продажба – соодносот е дури 7:1 во корист на бензинската верзија.
Електричниот G580 има исти димензии и простор како и бензинската верзија, но без очекуваните предности на електричните возила – нема пониско тежиште, нема поголем простор, а и влечната сила е слаба за SUV. Дури и автономијата е разочарувачка: само 385 километри според EPA стандардот.
Со цена од околу 150.000 евра, G580 не успева да понуди доволна вредност за луксузната публика. Возилото, иако има четири електромотори, е преголемо и премногу тешко, а купувачите сè уште го преферираат класичниот мотор – дури и откако G550 премина од V8 на реден шестцилиндерски мотор.
Mercedes-Benz веќе најави дека ќе го засили развојот на мотори со внатрешно согорување поради опаѓачкиот интерес за електрични возила. Идниот помал G-класa, наречен „baby G“, првично беше замислен како целосно електричен, но сега се разгледуваат и бензински и хибридни опции.
Оваа промена е овозможена благодарение на модуларната платформа MMA, која поддржува и електрични и конвенционални погони, што му дава флексибилност на брендот да ја смени стратегијата во последен момент.