Во Македонија има малку електрични возила кои можат и лесно да се изборјат, а новиот проект што треба да биде претставен пред европските тела в година би можел многу да придонесе за подигање на свеста кај луѓето и нивно полесно решавање за купување електрични возила.
Едисон проектот предвидува електрификација на патиштата во целиот регион, односно поставување на полначи за електромобили, подобра патна и транспортна инфраструктура. За истото се зборуваше на САМИТ100 за Бизнис лидери од Југоисточна Европа.
„Идејата на овој проект е да се создаде зелен коридор од Љубљана до Скопје, од Белград до Тирана и Приштина, во должина од 1.400 километри. Едисон ќе биде европски проект, бидејќи ќе биде презентиран пред европските тела во април следната година“, изјави Изток Селјак, главен извршен директор на Хидриа и член на бордот на САМИТ 100.
Нема детали за начинот на кој ќе се реализира целиот проект, но важно е дека со најавената електрификација би требало без проблеми да се патува до главните градови во околината.
На самитот зборуваше и еврокомесарката за транспорт Виолета Булц, која изјави дека загадувањето од издувните гасови, лошата транспортна поврзаност и сообраќајните несреќи ја чинат многу економијата, бидејќи се зголемени здравствените трошоци, а се губат и човечки животи, во кои претходно е инвестирано. Затоа Европската унија ќе ја поддржи реализацијата на проектот.