Германија го расчисти патот за гигантската автомобилска индустрија да стартува со тестирање на самоуправувачките возила, со донесување на законот со кој се регулираат условите под кои може да се вози на германските патишта.
Според законот, првично најавен минатата година од канцеларката Ангела Меркел, зад воланот постојано мора да седи возач, кој ќе ја преземе контролата над возилото во случај на потреба.
Некои од светските најголеми автомобилски компании се наоѓаат во Германија, како што се Volkswagen Групација, Daimler и BMW Групација, и сите имаат сериозни инвестиции во технологии кои според министерот за транспорт Александер Добринт се „најдобрата мобилна револуција од пронаоѓањето на автомобилот“.
Новата легислатива им дозволува на автопроизводителите да ги тестираат автомобилите на патишта, при што возачот смее да ги тргне рацете од управувачот и да го тргне погледот од патот и да прегледа и-маил пораки или да пребарува на веб пребарувачот додека возилото само се движи.
Возилото мора да е опремено со црна кутија, која ќе го снима патувањето, при тоа во текот на целото возење да регистрира дали возилото го управува човекот или пилотот за управување. Дневникот ќе се користи да се утврди кој е виновен во случај на сообраќајна несреќа.
Возачот ќе одговара за несреќата само кога таа ќе се случи додека возилото е под негова контрола, а во случај кога причината за несреќата е автоматскиот пилот или пад на системот, тогаш одговорноста е на производителот на автомобилот.
Се предвидува во период од две години законот да се ревидира согласно развојот на технологијата, како и соодветно на податоците кои ќе се соберат од тестовите, а за кои се предвидува и заштита.
Светските автопроизводители, како и други компании кои сорботуваат со секторот, работат на развој на прототипи на самоуправувачки возила, но овој тип на возила на пазарот се очекуваат по 2020 година.