Франција започна тестирање на системот Tesla Full Self-Driving на јавни патишта, што може да биде еден од последните важни чекори пред одлуката за негова поширока употреба во Европската Унија. И покрај името, FSD не овозможува целосно автономно возење и возачот мора постојано да биде подготвен да ја преземе контролата.
Француските власти добиле два автомобила опремени со FSD, со кои треба самостојно да ги проверат перформансите на системот во реални сообраќајни услови. Министерството за транспорт очекува тестирањето да заврши во текот на септември.
Одлуката следува по повеќемесечни технички разговори меѓу Tesla и француските институции. Франција претходно имала забелешки за почитувањето на ограничувањата на брзината и за начинот на кој системот го следи вниманието на возачот.
Холандија во април стана првата европска земја што привремено ја дозволи употребата на Tesla FSD. Нејзиниот пример потоа го следеа Белгија, Данска, Естонија и Литванија.
Tesla тврди дека системот, во повеќе од 100 милиони тест-километри изминати во овие пет земји, забележал 4,1 пати помалку судири од автомобилите на марката управувани без активиран FSD. Според компанијата, автомобилите со активиран систем биле вклучени во три судири на автопат и девет на други патишта, наспроти 137, односно 490 судири кај рачно управуваните возила.
Резултатите мора да се разгледуваат со резерва бидејќи се објавени од Tesla и сè уште не претставуваат независна потврда од европските регулатори. Дел од експертите претходно оценија дека споредбата може да даде погрешна претстава поради различните услови во кои се користи FSD.
Системот може самостојно да забрзува, сопира и управува со автомобилот, но возачот останува одговорен за неговото движење. Затоа FSD во Европа се третира како напреден систем за асистенција, а не како технологија за целосно автономно возење.
Можното европско гласање би можело да се одржи во октомври или во декември. За одобрување ќе биде потребна поддршка од најмалку 15 земји членки, кои претставуваат најмалку 65 проценти од населението на ЕУ.
________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно АВТОМОБИЛСКИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24AUTO.MK. Со еден клик до сите вести.
_________________________________________________________________









