Audi го претстави новиот A2 e-tron, компактен електричен модел развиен специјално за европскиот пазар, со потрошувачка од само 12,8 kWh/100 км и максимална WLTP автономија до 646 километри. Новитетот ќе се произведува во Инголштат, ќе се нуди со три големини на батерија и четири нивоа на моќност, а нарачките во Германија почнуваат на 10 септември со цена од 38.200 евра.
Со A2 e-tron, Audi очигледно не се обидува да победи со најголема батерија или со најмногу коњски сили. Главниот акцент е ставен на ефикасноста. Најекономичната верзија има моќност од 140 kW и, со опционалниот Efficiency пакет, постигнува WLTP потрошувачка од 12,8 kWh/100 км. Audi тврди дека тоа е најниската потрошувачка кај кој било сериски модел во историјата на марката.
Аеродинамиката има голем удел во резултатот. Коефициентот на отпор е 0,24, што е најдобрата вредност во компактната гама на Audi. За тоа придонесуваат речиси целосно затвореното подвозје, активниот отвор за ладење, специјалните аеродинамични тркала и детали околу тркалата што ги намалуваат воздушните турбуленции.
Четири верзии и три различни батерии
A2 e-tron ќе се нуди со 125, 140, 170 и 240 kW. Основната верзија располага со 125 kW и 350 Nm, додека најмоќната има 240 kW и 545 Nm. Сите верзии се со погон на задните тркала.
Понудата на батерии е поделена на три капацитети – 52, 61 и 84 kWh бруто. Верзиите со 52 и 61 kWh користат LFP батериски ќелии, додека големата батерија од 84 kWh е со NMC хемија и се нуди кај верзиите со 170 и 240 kW.
Најголемата автономија ја има A2 e-tron со 170 kW и батерија од 84 kWh – до 646 километри според WLTP. Интересно, најмоќната верзија од 240 kW со истата батерија има деклариран досег до 630 километри.

До 183 kW DC полнење
Разликите во батериите значат и различни максимални брзини на DC полнење. Основниот модел со 52 kWh прима до 100 kW и се полни од 10 до 80 проценти за 24 минути. Батеријата од 61 kWh поддржува до 105 kW, а за истото полнење се потребни околу 26 минути.
Двете верзии со батерија од 84 kWh достигнуваат максимално 183 kW DC и се полнат од 10 до 80 проценти за 29 минути.
Audi нуди и четири нивоа на регенеративно сопирање, вклучувајќи и one-pedal режим со запирање на автомобилот.
Според официјалните податоци, основниот A2 e-tron со 125 kW забрзува од 0 до 100 км/ч за 8,8 секунди и достигнува максимални 160 км/ч.
Верзијата со 140 kW забрзува за 7,9 секунди, додека онаа со 170 kW ја достигнува стотката за 7,0 секунди.
На врвот е A2 e-tron со 240 kW и 545 Nm, кој од 0 до 100 км/ч стигнува за 5,7 секунди и има максимална брзина од 200 км/ч.
A2 e-tron може да ја напојува и куќата
Една од позначајните технологии е двонасочното полнење. Со Vehicle-to-Load – V2L, батеријата може да се користи за напојување надворешни уреди, алати, електрични велосипеди или друга опрема.
Во Германија, Австрија и Швајцарија ќе биде достапна и Vehicle-to-Home – V2H функцијата. Со соодветен DC wallbox, A2 e-tron може да функционира како домашна батерија и да враќа електрична енергија во домашната мрежа.
Оваа функција работи кога батеријата е во опсег од 20 до 80 проценти наполнетост.
Audi не ја објавува целосната должина во главниот преглед на техничките податоци, но наведува меѓуоскино растојание од 2,77 метри и кратки предни и задни надвисувања.
Багажникот има 396 литри, а со преклопени задни седишта капацитетот расте на 1.336 литри. Кај верзиите со 170 и 240 kW дополнително има преден багажник со капацитет од 13 литри.
Опционалниот панорамски покрив има стаклена површина од околу 1,6 квадратни метри.

Два големи екрани и AI асистент
Стандардно се добива MMI panoramic display, составен од 11,9-инчен Audi virtual cockpit plus и 12,8-инчен централен MMI touch дисплеј со закривен дизајн.
Достапен е и head-up display со проширена реалност. Audi assistant користи AI модели во облак за природна гласовна комуникација, пребарување и одговарање на прашања за автомобилот. Системот за навигација e-tron route planner автоматски ги планира станиците за полнење и ја подготвува батеријата пред пристигнувањето на брз полнач.
Со Audi connected work се интегрирани и Microsoft Outlook и Microsoft Teams, па автомобилот може да функционира и како своевидна мобилна канцеларија.
Необична новина е Fidlock системот, кој Audi го воведува стандардно во A2 e-tron. Станува збор за комбинација од магнет и механички механизам за заклучување, преку кој во кабината можат да се прицврстуваат држачи за чаши, торби за кабелот за полнење и други додатоци.
Audi тврди дека е првиот премиум автомобилски производител што го интегрира овој патентиран систем како стандардна опрема.
Богата безбедносна опрема уште од основната верзија
Во стандардната опрема влегуваат адаптивен темпомат, автоматско итно сопирање, систем за избегнување пречка, систем за следење на вниманието на возачот, камера за возење наназад и Parking System Plus.
Поскапите пакети носат дополнителни системи, меѓу кои асистирано управување во лента, автоматско паркирање, 360-степенски камери и функција што може да запомни паркинг маневар и потоа автоматски да го повтори.
Audi посебно го нагласува и користењето рециклирани материјали. Во зависност од конфигурацијата, повеќе од 300 компоненти во A2 e-tron содржат рециклирани материјали, вклучувајќи челик, алуминиум и пластика.
Повеќе од 100 компоненти користат post-consumer материјали, односно суровини што веќе биле користени и повторно се враќаат во производниот циклус.
Се произведува во Инголштат
A2 e-tron е развиен во Германија и ќе се произведува во матичната фабрика на Audi во Инголштат, на линии што делумно ги дели со A3.
Audi наведува дека при воведувањето на моделот користи повеќе од 1.200 постојни производствени елементи и околу 250 роботи што претходно биле користени за други модели. На овој начин компанијата сака да ги намали инвестициите и времето потребно за воведување нов автомобил.
Според Audi, A2 e-tron стигнал до сериско производство 21 месец побрзо од споредливи претходни проекти.
Од 38.200 евра во Германија
Нарачките во Германија почнуваат на 10 септември 2026 година, а првите испораки се планирани за декември.
Основниот A2 e-tron со 125 kW и батерија од 52 kWh чини од 38.200 евра. Верзијата со батерија од 61 kWh стартува од 41.900 евра, додека A2 e-tron со 170 kW и 84 kWh батерија чини од 48.900 евра.
Најмоќниот A2 e-tron со 240 kW е позициониран на 51.200 евра.
Овие цени се официјални за германскиот пазар. Во моментов Audi нема објавено цена или точен почеток на продажба за Македонија.
________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно АВТОМОБИЛСКИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24AUTO.MK. Со еден клик до сите вести.
_________________________________________________________________









