Mercedes-AMG подготвува враќање на V8 моторите и со тоа прави јасен пресврт по млаките реакции на дел од купувачите кон четирицилиндричните plug-in hybrid изведби. Според последните информации, новата генерација V8 мотори ќе пристигне до крајот на 2026 година, прво во SUV модели, а потоа и во други AMG автомобили.
По неколку години силен фокус на downsizing, електрификација и четирицилиндрични хибридни решенија, брендот сега повторно се врти кон она по што најмногу беше препознатлив – големите V8 мотори. Потегот доаѓа по поделени реакции на пазарот, особено кон актуелните AMG модели со помали мотори и plug-in hybrid технологија.
Причината е прилично јасна. Иако новите четирицилиндрични хибридни погони технички се многу напредни, голем дел од фановите и купувачите сметаа дека кај нив недостига токму она што со децении го правеше AMG посебен – звукот, карактерот и чувството што го носи голем мотор. Токму затоа Mercedes сега прави корекција на правецот.
Новиот V8 нема да биде просто враќање во минатото. Според информациите што ги објавија повеќе медиуми, станува збор за нова генерација мотор развиена така што ќе ги исполнува построгите норми, вклучително и Euro 7, но без AMG да се откаже од својата традиционална ДНК. Се споменува употреба на flat-plane crankshaft, како и 48-волтна mild hybrid технологија. Таквата комбинација треба да донесе побрз одзив, повисоки перформанси и пониски емисии, без да се изгуби препознатливиот карактер на AMG.
Особено е важно што ова враќање веќе не е само шпекулација. Медиумите пренесуваат изјави од AMG шефот, Михаел Шибе дека компанијата повторно „силно се потпира на моторите со внатрешно согорување“ и дека V8 ќе се врати до крајот на оваа година, најпрво во SUV моделите. Тоа значи дека Mercedes-AMG веќе подготвува конкретни сериски производи.
Еден од првите модели што би можеле да го добијат новиот мотор е CLE 63. Се наведува дека првиот бран ќе оди преку AMG SUV моделите, а потоа V8 ќе се шири и во останатите изведби. Мercedes-AMG сака внимателно да го врати осумцилиндричниот мотор таму каде што пазарот најсилно го бара.
Во позадина на оваа приказна стои и еден поширок проблем. Mercedes-AMG веќе призна дека актуелниот C63 со четирицилиндричен plug-in hybrid погон не ги исполнил очекувањата на традиционалната публика. C63 ќе биде повлечен во сегашната форма и заменет со C53 со шестцилиндричен мотор, додека можноста за идно враќање на V8 останува отворена. Тоа уште еднаш потврдува дека брендот сериозно го преиспитува последниот технолошки курс.
Од денешна перспектива, овој потег може да се чита како признавање дека не секоја техничка иновација автоматски ја добива и емоционалната поддршка од купувачите.
▶▶▶ Добивај директно АВТОМОБИЛСКИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24AUTO.MK. Со еден клик до сите вести.









