По три децении тишина, легендарното Renault 4 се појави повторно кон крајот на 2024 година, заменувајќи ги своите бензински корени со електрично срце и се претвори во компактен кросовер. Ова електрично реинкарнирање на омилениот „Quatrelle“ сега го оживува уште еден познат прекар: Savane.
Но, ова не е само враќање на името; за разлика од серискиот модел со преден погон, оваа нова концептна верзија храбро ги истражува теренските можности со додавање на електричен мотор на задната оска, што на практика создава возило со погон на сите тркала.
Покрај очигледната конфигурација со два мотора, концептот Renault 4 Savane 4×4 има препознатлива визуелна појава, облечена во свежа зелена боја. За уште повеќе да се истакне авантуристичкиот дух, инженерите на Renault го опремиле со покачен систем на суспензија, што го зголемува клиренсот за 15 мм.
Иако не е целосно подготвен за оф-роуд предизвици, ова зголемување на висината на возење укажува на поголема желба за напуштање на асфалтот во споредба со стандардниот модел. Се задржани 18-инчните бандажи, но сега со поиздржлив дизајн и обвиени со Goodyear UltraGrip Performance+ гуми со димензии 225/55.

За да се зголеми стабилноста и визуелното присуство, предната и задната трага се проширени за 10 мм. Иако официјалните податоци за моќноста на оваа конфигурација со два мотора сè уште не се објавени, може да се претпостави дека концептот Savane е значително помоќен од верзијата со еден мотор поставен напред, која располага со 110 kW (148 к.с.) и вртежен момент од 245 Nm. Оттаму, може да се очекува значително побрзо забрзување до 100 км/ч од стандардното Renault 4, кое тоа го постигнува за 8,2 секунди.
Капацитетот на батеријата останува тајна, иако шпекулациите велат дека може да се користи поголемиот пакет од 52 kWh, кој во стандардниот модел овозможува досег до 400 км според WLTP, за разлика од основната верзија со 40 kWh. Во основата на оваа авантуристичка концептна верзија, како и на нејзиниот сериски брат, е платформата AmpR Small – универзална архитектура што се користи во семејството на мали електрични возила на Renault, вклучително и идниот електричен Twingo, поголемиот Renault 5, како и новата Micra на Nissan и A290 на Alpine – сите тие за сега со преден погон.









