Иако автомобилите денес се побезбедни од кога било, нова австриска студија покажува дека таа безбедност не е иста за сите. Истражување на Техничкиот универзитет во Грац покажува дека жените имаат 60 проценти поголем ризик од повреди во сообраќајни незгоди во споредба со мажите, а проблемот е особено изразен кај сопатничките и кај постарите жени.
Истражувачите анализирале австриски податоци за сообраќајни несреќи од периодот 2012-2024 година, а потоа реконструирале реални судири преку компјутерско моделирање и физички тестови.
Резултатите покажале дека жените несразмерно почесто добиваат тешки повреди на градниот кош, ‘рбетот, рацете и нозете, и тоа дури и кога судирите се случуваат при пониски брзини.
Главниот проблем, според студијата, е тоа што автомобилската безбедност со децении е развивана речиси исклучиво според анатомијата на „просечен“ маж. Дури и кога конечно бил воведен женски куклен модел за креш тестови, тој во суштина не бил вистински женски модел, туку само намалена верзија на машкиот. Тоа оставило сериозна празнина, затоа што таквиот модел не ја претставува реалната градба на огромен дел од жените.
Истражувачите предупредуваат дека жените не се само „помали мажи“, туку имаат различна телесна структура – од обликот на карлицата и градите, до рамената и ‘рбетот. Токму тие разлики влијаат на тоа како силата од ударот се пренесува низ телото. Ако сигурносните системи се оптимизирани главно за машка анатомија, тогаш појасите, воздушните перничиња и останатите заштитни решенија не работат еднакво добро за жените.

Дополнителен фактор е и самата положба на седење. Истражувачите од Грац посочуваат дека патниците на предните седишта често го поместуваат седиштето многу назад или ја навалуваат потпирачката во порелаксирана позиција. Токму тоа може сериозно да ја намали ефикасноста на појасите и воздушните перничиња. Бидејќи жените статистички многу почесто седат на совозачкото место отколку мажите, тие почесто се наоѓаат токму во оваа неповолна геометрија.
Студијата дополнително покажува дека ризикот не е само повисок за полесни повреди. Според дополнителните преработки на наодите, кај женските сопатнички веројатноста за тешка повреда или смртен исход може да биде и повеќе од двојно поголема во споредба со машките сопатници во споредливи ситуации. Особено загрижувачки е што најранлива група се постарите жени.
▶▶▶ Добивај директно АВТОМОБИЛСКИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24AUTO.MK. Со еден клик до сите вести.









