Volkswagen го имаше светското деби на новиот ID. Polo, целосно електричен модел што отвора ново поглавје за едно од најуспешните имиња во историјата на брендот. Новитетот носи досег до 454 километри, побрзо DC полнење, повеќе простор во кабината и багажникот, како и технологии што досега беа резервирани за повисоки сегменти.
Volkswagen официјално го претстави новиот ID. Polo и со тоа ја внесе легендарната Polo приказна во електричната ера. Германскиот производител потсетува дека Polo досега е продаден во повеќе од 20 милиони примероци, а новиот електричен модел е развиен во Волфсбург како појасно насочен идна верзија на компактниот автомобил. Почетната цена за базната верзија во Германија е 24.995 евра.
Од Volkswagen јасно порачуваат дека ID. Polo не треба да се гледа само како мал градски автомобил. Моделот е долг 4.053 мм, широк 1.816 мм и висок 1.530 мм, со меѓуоскино растојание од 2.600 мм. Благодарение на MEB+ платформата, просторот е значително подобро искористен, па багажникот сега нуди 441 литар, што е раст од 25 проценти во споредба со класичниот Polo. Со соборени задни седишта, капацитетот расте до 1.240 литри.
Новиот ID. Polo ќе биде достапен со преден погон и во три нивоа на моќност: 85 kW, 99 kW и 155 kW, односно 116, 135 и 211 КС. Верзиите со 85 и 99 kW добиваат 37 kWh нето LFP батерија, која овозможува досег до 329 километри и се полни од 10 до 80 проценти за околу 23 минути на DC брз полнач. На врвот е верзијата со досег до 454 километри според WLTP.
Volkswagen нагласува дека DC брзото полнење е стандардно кај ID. Polo. Дополнително, моделот добива и vehicle-to-load функција, што значи дека може да напојува надворешни уреди со моќност до 3,6 kW. Во пракса, тоа значи дека автомобилот може да служи како мобилен извор на струја за е-велосипеди или друга опрема. Напојувањето е можно преку 230V приклучок во ентериерот или преку адаптер на портата за полнење.

ID. Polo е првиот сериски модел што целосно го следи новиот Pure Positive дизајнерски јазик на Volkswagen. Брендот истакнува јасни пропорции, препознатлив C-столб инспириран од првиот Golf, пријателски преден дел и посилен, поквалитетно обликуван заден дел. Истата филозофија продолжува и во кабината, каде што фокусот е ставен на квалитетни материјали, подобра ергономија и повеќе внимание кон деталите.
Во центарот на кабината е новата дигитална поставеност. ID. Polo добива 10-инчен Digital Cockpit и нов 13-инчен Innovision инфозабавен екран, поставен централно на таблата. Volkswagen посебно го издвојува и т.н. „retro display“, кој со својот изглед потсетува на Golf I facelift.
Новитетот добива и напредни системи за асистенција. Благодарение на MEB+ и новиот софтвер, ID. Polo стандардно нуди низа модерни решенија, а опционалниот Connected Travel Assist поддржува асистирано надолжно и странично водење и реагира и на семафори, што Volkswagen го посочува како првпат во оваа класа. One-pedal driving е исто така дел од стандардната опрема.

Во повисоките нивоа на опременост, моделот носи уште побогата опрема. Верзијата Style добива IQ.LIGHT LED matrix светла, осветлена LED линија, 3D LED задни светла и осветлено VW лого напред и назад. Во кабината се додаваат sport comfort седишта, амбиентално осветлување и поквалитетни материјали. Има и интересни опции што досега ретко се гледаа во овој сегмент. Меѓу нив се Harman Kardon аудиосистем со 425 вати, голем панорамски стаклен покрив и пневматска масажа кај електрично прилагодливите предни седишта со 12 позиции.
Volkswagen веќе го отвори нарачувањето за ID. Polo во Германија. При стартот на продажбата, моделот ќе биде достапен како ID. Polo Life со 155 kW, односно 211 КС, и батерија од 52 kWh, по цена од 33.795 евра. Базната верзија со цена од 24.995 евра, како и дополнителните погонски и опременски изведби, ќе пристигнат во текот на летото.
▶▶▶ Добивај директно АВТОМОБИЛСКИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24AUTO.MK. Со еден клик до сите вести.









