Внимавајте каде паркирате: Полицијата со наредби да казнува оставено возило на велопатеките

ОБЈАВЕНО НА:

Полицијата ќе почне да биде поригорозна и да казнува ако возилото го оставате на местата резервирани за велосипедистите. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов бара од СВР Скопје да ги интензивира теренските контроли и да ги казнува возилата што се паркирани на велосипедските патеки.

Ако бидете фатени од полицијата и притоа дојде и пајак, тогаш покрај казната за погрешно паркирање ќе платите си за пајак службата.
Според Член 63 од Законот за Безбедност на сообраќајот на патиштата, Возачот, односно сопственикот на возилото не смее да го запре или паркира возилото на место на кое тоа би ја загрозувало безбедноста на другите учесници во сообраќајот или би претставувало пречка за нормално одвивање на сообраќајот или за движењето на пешаците и велосипедистите.

Мандатен платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бода согласно со одредбите од овој закон, на возачот односно сопственикот на возилото кој постапува спротивно на одредбите на овој член.

Шилегов во писмото им навел дека секој ден возила стојат паркирани на вело патеките кои се изведени на самиот булевар како што е на булеварите Свети Климент Охридски и Кочо Рацин и на улиците Свети Кирил и Методиј, Московска и Кемал Сејфула.

„За да овозможиме непречено и безбедно движење на велосипедистите на вело патеките, упатив официјално барање за интензивирање на сообраќајните теренски контроли до СВР Скопје. Паркираните возила на новите вело патеки поставени на коловоз и претекнувањето од возилата на велосипедските ленти во голема мера ја загрозуваат безбедноста на велосипедистите во сообраќајот и претставуваат сериозна препрека во континуираниот пораст на велосипедскиот сообраќај во нашиот град“, вели Шилегов.

Од Град Скопје велат дека интензивно работат на реконструкција и изградба на нови вело патеки за да се обезбедат оптимални услови за користењето на велосипедот како превозно средство и да ја се подобри мобилноста на велосипедистите.

„Го намалуваме просторот за автомобили и новите вело патеки со физичко издвојување со столпчиња ги изведуваме на коловозите на градските сообраќајници, но истовремено Градот Скопје нема механизми да врши контрола за секојдневната узурпација на овие вело патеки и затоа бараме засилени сообраќајни контроли од СВР Скопје. Нашите заложби се слободни и целосно проодни велосипедски патеки и во остварувањето на овој градски приоритет очекуваме и конкретна поддршка од другите надлежни институции“, додава Шилегов.

 

Следете не и на:

24AUTO NETWORK