Како дел од глобалниот тренд и сè построгите регулативи за емисија на CO₂, Kia официјално најави дека нејзините идни спортски модели ќе бидат целосно електрични. Компанијата ја потврди оваа стратегија како нужност за усогласување со новите еколошки стандарди ширум светот.
Роланд Риверо, раководител на производи во Kia Australia, за Carsales изјави дека „производителите немаат избор освен да ја прифатат новата реалност“, алудирајќи на неопходноста од електрификација. Иако класичниот бензински V6 од легендарниот Stinger GT ќе остане дел од историјата, Kia планира да ја задржи својата GT ознака – сега на целосно електрични модели.
Новиот електричен модел EV4 е еден од главните кандидати за добивање GT третман. Риверо е оптимист дека електричните возила можат да понудат возбудливо искуство слично на автомобилите со мотори со внатрешно согорување:
„Нема причина зошто електрифицирано возило не би можело да понуди сличен степен на забава, иако со повеќе компјутерска технологија.“
GT ознаката веќе се користи кај некои електрични модели, како EV9 GT. Првиот вистински спортски електричен модел на Kia, EV6 GT, неодамна доби надградба која вклучува симулирани менувања на брзини и звуци на мотор – технологија која имитира искуството од класичните спортски автомобили.
За разлика од Kia, Hyundai N дивизијата сè уште не ја затвора вратата за моторите со внатрешно согорување. Иако моделите како i20 N, i30 N, Kona N и Veloster N се веќе историја, Hyundai сè уште ја нуди Elantra N (барем во САД) и најави нова генерација со поголем мотор.
Се разгледуваат и хибридни погони за да се продолжи животот на спортските автомобили со SUS мотори под N ознаката. Сепак, проблемот останува – хибридите и електричните спортски модели обично се значително потешки, што влијае на перформансите. Но, тоа е компромис што производителите очигледно се подготвени да го прифатат.