И покрај претходно најавените планови за целосна транзиција кон електрични возила до 2030 година, Mercedes-Benz прави пресврт. Главниот извршен директор на компанијата, Ола Калениус, изјави дека моторите со внатрешно согорување ICE) сепак ќе останат дел од понудата – и тоа подолго од првично планираното.
Во интервју за германското списание Auto Motor und Sport, Калениус вели дека компанијата морала да „го коригира курсот“, прифаќајќи дека преминот кон целосна електрификација се одвива побавно од очекуваното. Тој нагласува дека „електрифицираните високо-технолошки ICE ќе траат подолго“ и дека тоа е оптимална стратегија во сегашните услови.
Слична позиција неодамна беше најавена и од страна на Audi, а слично размислуваат и BMW. Германија и понатаму гледа на комбинацијата од електрични и класични погонски системи како начин да се задоволат различни пазарни барања, особено на Кина – најголемиот пазар за сите три производители.
И покрај тоа што Mercedes-Benz бележи пад на продажбата од 23%, глобалниот пазар за електрични возила расте. Според BloombergNEF, продажбата на EV и plug-in хибриди ќе порасне за 25% оваа година, достигнувајќи речиси 22 милиони возила – две третини од нив во Кина.
Сепак, прашањето останува отворено: што ќе се случи со моторите со внатрешно согорување по 2035 година, кога ЕУ планира да ги забрани новите регистрации на вакви возила? Автомобилските производители се надеваат на можни одложувања или промени во регулативата, но европските лидери сè уште не попуштаат.