Нова сервисна акција го погоди Stellantis, а во фокусот се неколку „роднини“ од истата групаcija – Opel Combo, Peugeot Partner, Peugeot Rifter, Fiat Doblo и Citroen Berlingo. Заедничкиот проблем кај сите овие модели е поврзан со 1.5 BlueHDi дизел моторот, односно со NOx сензорот (азотни оксиди), кој според објавените податоци можеби не бил доволно затегнат при вградувањето.
Тоа може да овозможи издувните гасови да навлезат во моторниот простор, да се појават видливи издувни испарувања околу моторот, да дојде до прегревање на блиските компоненти, да се зголеми ризикот од пожар и истовремено да пораснат емисиите на азотни оксиди.
Тие гасови се штетни: го загадуваат воздухот, придонесуваат за смог, се лоши за дишните патишта и здравјето.
Станува збор за возила произведени во многу сличен период, од 1 октомври 2025 до 10 декември 2025 година, што дополнително покажува дека проблемот е заеднички и најверојатно врзан за истата техничка или производствена фаза кај оваа генерација лесни патнички и доставни модели на Stellantis. Сите повлекувања се објавени како сериозни и сите се поднесени од Франција, што упатува на заедничка фабричка и техничка основа.
Најмал број засегнати возила има Opel Combo, каде се наведени 2.125 примероци на светско ниво. Кај Fiat Doblo се опфатени 3.161 возило, додека кај Citroen Berlingo бројката стигнува до 5.793 примероци.
Кај Peugeot ситуацијата е малку поинаква, затоа што истото повлекување ги опфаќа и Partner и Rifter, но во изворот тие се водат заедно. За двата модела заеднички се наведени 5.920 возила на светско ниво, без поделба колку точно отпаѓаат на Partner, а колку на Rifter. Тоа значи дека изворот не дозволува прецизно раздвојување по модел, туку само заедничка бројка за двата Peugeot модели.
Кога ќе се соберат сите објавени бројки без двојно пресметување на Peugeot, станува збор за вкупно 16.999 засегнати возила. Тоа е сериозна бројка за проблем што на прв поглед изгледа како „само“ недоволно затегнат сензор, но во пракса може да доведе до многу потежок исход – прегревање во моторниот простор и ризик од пожар.
▶▶▶ Добивај директно АВТОМОБИЛСКИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24AUTO.MK. Со еден клик до сите вести.









