Милионитиот примерок е произведен во фабриката Квасини, а станува збор за Karoq 1.5 TSI со 110 kW во Graphite Grey боја. Моделот се продава од 2017 година и денес е достапен на околу 60 пазари.
Skoda Auto одбележа важен производствен јубилеј – во фабриката Квасини е произведен милионитиот Karoq. Јубилејниот автомобил е Karoq 1.5 TSI со 110 kW, односно 150 КС, во Graphite Grey боја, а со ова компактниот SUV уште еднаш потврди дека е еден од најстабилните модели во понудата на чешката марка.
Karoq беше лансиран во 2017 година како тогаш трет SUV модел на Skoda и брзо стана важен дел од глобалната продажба на брендот. Денес Skoda нуди 14 моделски серии, од кои девет се SUV модели, а Karoq е трет најпопуларен SUV во гамата на марката.
Причината за неговиот успех не е во спектакуларни бројки или радикален дизајн, туку во формулата што Skoda ја користи најдобро – простор, практичност, солидна опрема и разумен избор на мотори. Karoq е позициониран меѓу помалиот Kamiq и поголемиот Kodiaq, па за многу купувачи е токму „златната средина“ во SUV понудата.
Karoq моментално се продава на околу 60 пазари ширум светот. Во понудата се бензински мотори 1.0 TSI, 1.4 TSI, 1.5 TSI и 2.0 TSI, како и 2.0 TDI дизел, со моќност од 85 до 140 kW. Купувачите можат да изберат преден или погон на сите тркала, зависно од верзијата.
Интересен податок е дека 73 проценти од купувачите избираат автоматски менувач, додека 27 проценти се одлучуваат за мануелен. Најголеми пазари за Karoq се Германија, Чешка и Велика Британија, што покажува дека моделот особено добро поминува на европските пазари каде практичноста и вредноста за парите имаат големо значење.
Во меѓувреме, Karoq доби и повеќе признанија. Меѓу нив се Red Dot Award за Product Design, титулата „Car of the Year“ во Чешка во 2018 година, како и „Best Value Family SUV“ на What Car? Awards во 2023 година. Овие награди добро го опишуваат карактерот на моделот – не е најгласен во класата, но е еден од најразумните избори.
Skoda веќе потврди дека работи на наследникот на Karoq. Новата генерација треба да биде претставена на преминот меѓу 2027 и 2028 година, што значи дека сегашниот модел ќе продолжи да игра важна улога уште некое време.
________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно АВТОМОБИЛСКИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24AUTO.MK. Со еден клик до сите вести.
_________________________________________________________________









