Во салонот на Volkswagen во Скопје беше одржана македонската премиера на новиот T-Roc, модел што пристигнува како целосно нова генерација на еден од најуспешните SUV автомобили на брендот. Со повеќе од 2 милиони продадени примероци ширум светот, T-Roc веќе одамна се наметна како еден од клучните модели во SUV понудата на Volkswagen, а новото издание носи сериозен исчекор во дизајнот, технологијата и квалитетот.
На премиерата се обрати генералниот менаџер на Porsche Macedonia, Златко Муцунски, кој истакна дека T-Roc за кусо време успеал да стане препознатлив модел во својата класа и симбол на современиот SUV пристап на Volkswagen.
„Во светот на автомобилизмот, ретко кој модел успева за толку кратко време да стане икона на својата генерација. Но, T-Roc е токму тоа. Уште од своето појавување, тој не беше само нов SUV во нашето портфолио, туку беше одговор на потребите на модерните возачи – оние кои бараат став, технологија и динамика во едно. Ние во Porsche Macedonia сме исклучително горди што денес пред вас го презентираме неговото најново издание. Овој T-Roc доаѓа со уште поостар дизајн, повисоко ниво на дигитализација и квалитет кој го поставува стандардот во својата класа“, изјави Муцунски.
Дизајн што веднаш привлекува внимание
Новата генерација на T-Roc е развиена од почеток и носи почист, подинамичен и посовремен изглед. Препознатливата силуета е задржана, но сега делува уште понагласено благодарение на зголемените пропорции и поизразениот став на каросеријата. Моделот е подолг за 12 сантиметри, што дополнително придонесува за посилен визуелен настап.

Осветлувањето игра важна улога во новиот идентитет на моделот. T-Roc стандардно доаѓа со LED светла, додека опционалните IQ.LIGHT LED Matrix светла се поврзани со осветлено Volkswagen лого преку тенка светлосна линија. И задниот дел добива препознатлив потпис, со LED лента и осветлено лого.
Поквалитетен ентериер и повеќе дигитализација
Во кабината, новиот T-Roc носи значително повисоко ниво на квалитет и технолошка унапреденост. Ново обликуваниот кокпит вклучува инфотејнмент екран до 13 инчи, додека амбиенталното осветлување создава атмосфера што потсетува на повисока класа.
Материјалите во ентериерот се поквалитетни, со меки површини и текстилна облога на инструмент таблата. Воедно, моделот презема решенија од повисоките сегменти, меѓу кои новата генерација на системот за избор на режими на возење и head-up дисплеј што ги проектира најважните информации директно на ветробранското стакло.
Повеќе простор и повисоко ниво на удобност
Со зголемената должина, новиот T-Roc нуди повеќе простор за патниците и поголема практичност во секојдневната употреба. Кабината е прилагодена за удобно патување на пет лица, а багажниот простор сега изнесува 475 литри.

Меѓу новитетите се издвојува и ergoActive седиштето, достапно за првпат кај овој модел, со 14 позиции и функција за масажа. Со тоа, Volkswagen јасно покажува дека T-Roc повеќе не е само атрактивен SUV, туку и модел што сериозно вложува во комфорот.
Нова платформа и понапредни системи за асистенција
Новиот T-Roc е поставен на најновата платформа MQB evo, која овозможува интеграција на современи системи за асистенција и напредни технологии. Меѓу нив се Travel Assist со проширени функции, Park Assist Pro со автоматско паркирање и контрола преку смартфон, како и Exit warning систем за дополнителна безбедност.
Со овие системи, T-Roc се позиционира меѓу технолошки најнапредните модели во својата класа.
Модерни хибридни мотори
Во понудата, новиот T-Roc доаѓа со современи турбо бензински мотори со 48V mild hybrid технологија. Станува збор за 1.5 eTSI изведби со моќност од 115 и 150 КС, кои треба да понудат подобар баланс меѓу ефикасноста и перформансите.

Појасна понуда за клиентите
Volkswagen ја поедноставува и моделската структура, со појасна и полесно разбирлива понуда. На располагање се нивоата на опременост Life, Style и R-Line, а пакетите се оптимизирани за полесна конфигурација и подобра вредност за клиентите.
Еден од најважните модели на Volkswagen
Од своето деби во 2017 година, T-Roc бележи стабилен и континуиран успех. Само во изминатата година, речиси 300.000 купувачи во Европа го избрале овој модел. Со повеќе од 2 милиони продадени возила до денес, T-Roc е еден од најуспешните SUV модели на Volkswagen, веднаш зад Tiguan, и важен дел од идната стратегија на брендот.
Продажбата на новиот Volkswagen T-Roc веќе започна во сите салони на Volkswagen во Македонија.









