Електричната технологија од Porsche Macan Turbo излезе од патиштата и заплови во Јадранското Море. Во марината Порто Монтенегро беше организиран регионалниот настан „Porsche x Frauscher“, на кој гости од повеќе земји, меѓу кои и претставници од Македонија преку Porsche Center Skopje, имаа можност да го испробаат електричниот спортски глисер Frauscher x Porsche 850 Fantom Air.
Настанот беше замислен како спој на две различни искуства поврзани со Porsche. На вода централно место имаше електричниот глисер развиен во соработка со австрискиот производител Frauscher, додека на патиштата околу Бока Которска беа организирани тест-возења со модели од актуелната гама на Porsche.
Наместо класична статична презентација, гостите можеа непосредно да ја почувствуваат разликата меѓу автомобилската примена на Porsche E-Performance и нејзиното приспособување за употреба на вода.
Не е само глисер со значка на Porsche
Frauscher x Porsche 850 Fantom Air не е производ на соработка што се сведува само на дизајнерски детали и логоа. Во неговата основа се наоѓаат клучни компоненти од електричниот погон на Porsche Macan Turbo.
Глисерот е долг 8,67 метри и широк 2,49 метри, а развиен е врз основа на трупот на Frauscher 858 Fantom Air. Porsche ги обезбедува високонапонската батерија, електромоторот, погонскиот систем и контролната електроника, додека Frauscher е задолжен за производството на пловилото, финалното склопување, продажбата и сервисната поддршка.
Електричниот мотор е синхрон мотор со постојани магнети, конструкциски поврзан со единицата што се користи кај Macan Turbo. Во глисерот развива максимални 400 kW, односно околу 544 КС.

Енергијата се складира во литиум-јонска батерија со капацитет од 100 kWh, а 800-волтната архитектура овозможува брзо DC полнење со моќност до 270 kW. Достапно е и AC полнење со моќност до 11 kW.
До околу 90 км/ч на вода
Frauscher x Porsche 850 Fantom Air располага со четири режими на управување – Docking, Range, Sport и Sport Plus. Тие не ја менуваат само реакцијата на погонскиот систем, туку ја ограничуваат и брзината во зависност од начинот на користење.
Docking е наменет за маневрирање во пристаниште, додека Sport Plus ги ослободува максималните перформанси. Според официјалните податоци, глисерот може да достигне брзина од околу 90 км/ч.
При оптимална брзина на крстосување од 41 км/ч, автономијата изнесува приближно 45 километри. При побавно пловење може да се поминат околу 100 километри. Како и кај електричните автомобили, реалната автономија значително зависи од брзината, условите на вода, оптоварувањето и избраниот режим.
Во идеални услови, батеријата може да се наполни од 10 до 80 проценти за помалку од 30 минути. Во практиката, сепак, можноста за вакво брзо полнење зависи од инфраструктурата во марините, која сè уште не е еднакво развиена на сите локации.

Автомобилската технологија морала да се приспособи за море
Пренесувањето на погон од автомобил во пловило не се сведува на едноставно поставување на моторот и батеријата во трупот. Условите на вода создаваат поинакви механички и термички оптоварувања.
Кај автомобилот има чести промени на оптоварувањето, забрзувања и забавувања. Кај глисерот моторот може подолго време да работи со високо и континуирано оптоварување, поради што било потребно дополнително приспособување на системот за ладење.
Посебно внимание било посветено и на заштитата од солена вода, корозија, протекување и силни вибрации. Ударите на трупот во брановите можат да се пренесат врз батеријата, па затоа таа е поставена во носечка рамка со систем за придушување.
Ново куќиште било развиено и за електромоторот, додека електричните инсталации и контролните единици биле приспособени според стандардите за примена во наутиката.
Токму овие детали покажуваат дека проектот е повеќе од маркетиншка соработка. Porsche ја искористил технологијата од својата електрична платформа, но морал повторно да ја тестира и приспособи за сосема поинаква средина.
Porsche и во командната табла
Влијанието на германскиот производител е видливо и во просторот за управување. Studio F. A. Porsche учествувал во дизајнот на командната табла, воланот и контролите.
Пред возачот се наоѓаат пет аналогни инструменти, распоредени на начин што потсетува на класичниот Porsche 911. Режимите Sport и Sport Plus се избираат преку команди слични на оние во автомобилите на брендот.
Целта била сопствениците на Porsche веднаш да препознаат дел од автомобилското искуство, иако се наоѓаат во пловило.

Гости од Македонија на регионалното Porsche искуство
За македонските гости настанот во Порто Монтенегро беше можност на едно место да се запознаат со автомобилската и наутичката примена на технологијата на Porsche.
Покрај возењата со Frauscher x Porsche 850 Fantom Air, програмата вклучуваше и тестирање автомобили по патиштата околу Бока Которска. Настанот заврши со гала-вечер во марината и средба на клиенти и претставници на Porsche од повеќе земји во регионот.
„Нашата цел со овој настан беше да им понудиме на нашите клиенти повеќе од обично искуство – целосно потопување во светот на Porsche каде што перформансите, одржливоста и премиум животниот стил се спојуваат. Гостите од Македонија имаа можност да бидат дел од еден од најексклузивните настани во регионот оваа година и одблиску да видат како визијата на Porsche за иднината се пренесува од патеките директно на вода“, изјавија од Porsche Center Skopje.
Моделот веќе има и брзински рекорд
Frauscher x Porsche 850 Fantom Air првпат беше претставен во 2023 година, додека испораките започнаа во 2024 година. Подоцна пристигна и Frauscher x Porsche 850 Fantom со затворена предна палуба и кабина.
Токму затворената верзија во 2025 година постави рекорд на Monaco Energy Boat Challenge. Серискиот модел оствари просечна брзина од 49,84 јазли, односно 92,3 км/ч, измерена во две возења на делница долга по еден километар.
Соработката продолжи и во 2026 година со Frauscher x Porsche 790 Spectre, нов електричен спортски глисер развиен околу високонапонскиот погон на електричниот Macan.
▶▶▶ Добивај директно АВТОМОБИЛСКИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24AUTO.MK. Со еден клик до сите вести.
_________________________________________________________________









