Купување стар половен електричен автомобил по ниска цена може да изгледа како добра зделка, но приказна од Норвешка покажува колку батеријата може да биде клучниот ризик.
Таму една жена купила 10 години стар Kia Soul EV за околу 60.000 норвешки круни, односно приближно 5.350 евра, откако продавачот и рекол дека автомобилот во лето може да мине од 150 до 200 километри, а во зима меѓу 85 и 90 километри.
Наместо тоа, уште на првата возачка релација открила дека реалниот досег на топол летен ден бил само 36 километри.
Според објавените информации, новата сопственичка веднаш по преземањето на возилото забележала дека батеријата се празни многу побрзо од очекуваното. Само половина час по купувањето го контактирала продавачот и побарала раскинување на зделката, но тој тоа го одбил, тврдејќи дека не дал неточни информации.
Потоа автомобилот бил однесен во сервис, каде дијагностиката покажала проблем со високонапонската батерија. Механичарите препорачале демонтажа на батерискиот пакет и подетална проверка, а за време на тестирањето било утврдено дека нивото на наполнетост паднало за 15 проценти по само два изминати километри. На крајот, автомобилот целосно се изгасил.
Случајот завршил на суд. Иако во првата постапка за мирење продавачот бил ослободен од одговорност, окружниот суд донел поинаква одлука. Судот утврдил дека продавачот дал неточни информации за реалниот досег на возилото и дека автомобилот во летни услови може да мине само околу 50 километри, што е далеку од ветените 150 до 200 километри. Поради тоа, судот наложил продавачот да го преземе автомобилот назад и да му го врати целиот износ на купувачот.
Интересен детал во постапката бил и самиот купопродажен договор. Купувачот и продавачот приложиле различни верзии од договорот. Во примерокот на купувачот немало означено дека возилото се продава по принципот „видено – купено“, додека во договорот што го приложил продавачот таа клаузула била означена. Судот оценил дека договорот на купувачот е поверодостоен, но истовремено нагласил дека ова прашање не било пресудно за конечната одлука.
Важен е и фактот што пресудата сè уште не е правосилна, затоа што продавачот поднел жалба. Но и вака, случајот веќе стана силно предупредување за сите што размислуваат за постар половен електричен автомобил – ниската цена може да изгледа привлечно, но без проверка на состојбата на батеријата ризикот е огромен.
Овој пример особено силно одекнува во Норвешка, каде електричните автомобили доминираат на пазарот и каде веќе постои голем број постари EV модели на вториот пазар. Токму затоа состојбата на батеријата станува клучна ставка, понекогаш и поважна од километражата, годината на производство или изгледот на автомобилот.
________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно АВТОМОБИЛСКИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24AUTO.MK. Со еден клик до сите вести.
_________________________________________________________________









