Кинескиот plug-in хибрид седан постави Guinness рекорд за најдолго растојание поминато со полн резервоар и полна батерија, без дополнително полнење. Резултатот е силна порака дека хибридите со голем досег сè уште имаат сериозна улога во автомобилската иднина.
Geely Galaxy A7 EM постави нов Гинисов Рекорд откако помина 2.608,360 километри со еден полн резервоар и целосно наполнета батерија, без дополнително точење гориво и без повторно полнење на батеријата. Станува збор за рекорд во категоријата сериски plug-in хибрид седан, а подвигот уште еднаш покажува колку далеку отидоа кинеските производители во развојот на ефикасни хибридни системи.
Тестот траел пет последователни дена и бил спроведен под надзор на Guinness World Records. Рутата поминала низ четири кинески провинции со различни услови на возење, од планински патишта и тунели до густ сообраќај и долги нагорнини. Со тоа Geely сакал да покаже дека резултатот не е постигнат само во идеални лабораториски услови или на рамна тест-патека.
Новиот рекорд го надмина претходниот резултат од 2.369,950 километри, кој го држеше Chery Fulwin A8L. Разликата од речиси 240 километри е значајна, особено ако се земе предвид дека станува збор за сериски автомобил, а не за специјално направен прототип.
Главниот адут на Galaxy A7 EM е Thor AI Hybrid 2.0 системот. Тој комбинира 1,5-литарски атмосферски бензински мотор со електричен погон, едностепен DHT хибриден пренос и интегрирана електрична погонска единица. Според објавените податоци, бензинскиот мотор има термална ефикасност од над 47,26 проценти, што е една од клучните причини за ваков низок просек на потрошувачка.
Електромоторот развива 175 kW, односно околу 235 КС, а системот користи и т.н. Aegis Golden Brick батерија. Според Geely, таа овозможува електричен досег до 235 километри според CLTC циклусот, додека при рекордното возење AI системот за управување со енергијата го оптимизирал балансот меѓу горивото и струјата. Дури и кога батеријата била испразнета, потрошувачката останала во зоната од околу 2 литри на 100 километри.
Овој резултат е уште повпечатлив ако се знае дека Geely Galaxy A7 не е скап луксузен модел, туку plug-in хибрид седан позициониран како достапен автомобил на кинескиот пазар. При претставувањето, за моделот се најавуваше вкупен досег од повеќе од 2.100 километри според кинескиот CLTC циклус, со 1,5-литарски мотор, LFP батерии и цена што во Кина стартува од околу 119.800 јуани.
Важно е, сепак, да се направи разлика меѓу официјално деклариран досег, лабораториски циклуси и ваков рекорден тест. CLTC е познат како поповолен циклус од европскиот WLTP, па бројките од Кина не треба директно да се споредуваат со реалното секојдневно возење во Европа. Но фактот дека автомобилот под надзор на Гинис поминал повеќе од 2.600 километри без полнење и без дополнување гориво покажува дека системот навистина има огромен потенцијал.
Geely Galaxy A7 EM е и добар пример за насоката во која се движи дел од кинеската автоиндустрија. Додека Европа силно зборува за целосна електрификација, кинеските производители паралелно ги туркаат и напредните plug-in хибрид системи со огромен досег, ниска потрошувачка и пониска цена. За многу купувачи, особено оние што често патуваат на долги релации, токму ваквиот тип автомобил може да биде попрактичен од чист електричен модел.
________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно АВТОМОБИЛСКИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на VIBER групата на семејството на 24AUTO.MK. Со еден клик до сите вести.
_________________________________________________________________









