Dacia официјално го претстави новиот Striker, модел со кој брендот уште посилно влегува во C-сегментот и отвора нова фаза во својата понуда над Jogger и Bigster. Главниот адут на новиот модел е јасен уште од првата најава – Striker треба да го спои најдоброто од три света, односно високата позиција на седење и робусноста на SUV, практичноста на караван и ефикасноста на класична лимузина, а цените треба да стартуваат под 25.000 евра.
Според Dacia, моделот Striker е замислен како нова, поинаква алтернатива за купувачите што сакаат повеќе простор и практичност, но не мора нужно класичен SUV. Брендот отворено вели дека моделот е создаден за да ја зголеми тежината на Dacia во C-сегментот и до 2030 година да помогне уделот на оваа класа во вкупната продажба да порасне од 20 на 33 проценти. Во таа приказна Striker треба да биде дополнување на Bigster, а не негова замена.
Визуелно, Striker оди на мешавина од повеќе формати. Dacia вели дека моделот комбинира аеродинамични, пониски и подолги линии типични за караван и лимузина, со поизразени вертикални површини, повисок клиренс и SUV став. Особено важен дизајнерски елемент е новиот Т-облик LED светлосен потпис, кој првпат се појавува токму на овој модел и ќе биде дел од идниот дизајнерски јазик на марката.
По димензии, Striker е долг 4,62 метри, што практично го става во теренот на класични C-сегмент каравани. Истовремено, оддалеченоста од подлогата е 20 сантиметри кај 4×4 верзијата и 19 сантиметри кај 4×2 изведбата, додека висината е 1,53 метри – значително пониска од типичен C-SUV, што треба да помогне за подобра аеродинамика и посмирено однесување на пат. Основата се 17-инчни тркала, а опционално ќе бидат достапни и 18- и 19-инчни.

Dacia посебно нагласува дека Striker ќе се нуди со широка палета електрифицирани погонски решенија. Во официјалната објава не се наведени сите верзии поединечно, но се спомнува hybrid 150 4×4 како една од важните изведби, а британските извори додаваат дека моделот ќе игра силно и на картата на пониски трошоци во секојдневна употреба. Токму тоа е и дел од клучната Dacia порака – Striker да понуди многу простор, модерен изглед и ниски експлоатациски трошоци, без да избега од препознатливата формула за вредност за парите.
Во понудата ќе има две јасно профилирани линии на опрема – extreme и journey. Extreme е насочена кон поактивни купувачи, со поизразен outdoor карактер, материјали што полесно се одржуваат, повеќе заштитни елементи и пристап што оди на практичност и издржливост. Journey, пак, оди во помирен и покомфорен правец, со повеќе акцент на долгите патувања, семејната употреба и удобноста во кабината. Dacia тука спомнува електрично прилагодливо возачко седиште, загревање на предните седишта и воланот, како и електрично отворање на багажникот.
Интересно е и тоа што Dacia не се обидува Striker да го продаде само како „уште еден евтин автомобил“. Напротив, од брендот се обидуваат да му дадат појасен идентитет – робусен, но ефикасен; практичен, но визуелно поатрактивен; поевтин од класичните ривали, но доволно модерен за да ги привлече и купувачите што досега можеби не гледале кон Dacia.
View this post on Instagram
Со Striker, Dacia практично отвора нов простор меѓу класичен семеен караван и SUV, а тоа може да биде токму формулата со која брендот ќе се обиде да освои нови приватни и деловни купувачи. Ако ја задржи ветената цена под 25.000 евра и ја испорача најавената комбинација од простор, електрифицирани погони и ниски трошоци, Striker лесно може да стане еден од најинтересните Dacia модели во следната фаза од развојот на марката.
________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно АВТОМОБИЛСКИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24AUTO.MK. Со еден клик до сите вести.
_________________________________________________________________









