Компанијата М Кар, официјален увозник на BMW за Македонија и Косово, денес пред македонската јавност го претстави новиот BMW iX3 – модел што носи особена тежина за германскиот производител, бидејќи станува збор за првиот автомобил развиен на новата Neue Klasse платформа. Со ова BMW и официјално отвора ново поглавје во својата електрична иднина, со фокус на напредна технологија, поголема ефикасност и уште подигитализирано корисничко искуство.
Уште пред официјалниот старт на продажбата на повеќе пазари, новиот BMW iX3 веќе успеа да привлече сериозно меѓународно внимание. Моделот ги освои признанијата „World Car of the Year 2026“ и „World Electric Vehicle 2026“, доделени во април на New York International Auto Show, со што уште на стартот се наметна како еден од најважните нови електрични автомобили на пазарот.
Од М Кар велат дека BMW iX3 не е само уште еден нов модел во понудата, туку симбол на пошироката трансформација што ја минува брендот. Билјана Колемишевска, одговорна за маркетинг комуникации и односи со јавност во компанијата, истакна дека Neue Klasse претставува нова BMW платформа што комбинира врвна електрична технологија, целосно ново ниво на дигитализација и препознатлива BMW динамика при возење. Според неа, оваа архитектура ќе биде основа за повеќе од 40 нови модели и технолошки унапредувања до 2027 година, што ја прави најголемата технолошка трансформација во историјата на брендот.
Со новиот iX3, BMW ја носи шестата генерација на eDrive технологијата и нова електрична архитектура базирана на 800V систем. Токму оваа поставеност овозможува поголема ефикасност, подобри перформанси и многу побрзо полнење. Според објавените податоци, BMW iX3 нуди досег до 805 километри според WLTP, додека на полнач со моќност до 400 kW, за само 10 минути може да обезбеди досег до 372 километри. Тоа го става моделот меѓу најсериозните играчи во сегментот кога станува збор за комбинација од автономија и брзина на полнење.
Новитетите не застануваат само кај погонот. BMW iX3 носи и целосно нов дизајнерски јазик, со прочистени линии, нагласени површини и монолитен изглед што јасно ја истакнува технолошката природа на автомобилот. Вертикалната BMW бубрежна решетка, новата светлосна графика и модерните пропорции создаваат впечаток на елеганција и динамика, но без да се изгуби препознатливиот BMW идентитет.
Во кабината, BMW прави голем исчекор со воведувањето на BMW Panoramic iDrive и BMW Operating System X. Новиот систем овозможува поинтуитивно користење, поголема персонализација и подобро поставување на информациите во природната линија на видик на возачот. Со тоа, дигиталното искуство во автомобилот добива сосема ново ниво и станува еден од клучните адути на моделот.
Особено важна технолошка новина е и новата електронска архитектура базирана на четири високо-перформансни компјутери, кои BMW ги нарекува „superbrains“. Наместо голем број посебни контролни единици, овие четири централни компјутери управуваат со возењето, инфозабавата, системите за асистенција и клучните функции на возилото. Според BMW, тоа носи околу 20 пати поголема компјутерска моќ во споредба со претходните генерации и го претвора iX3 во возило со централизирана софтверска архитектура.

Дополнително, BMW го воведува и новиот систем Heart of Joy, централен компјутер за возна динамика што компанијата го опишува како „централен нервен систем“ на возењето. Овој систем ги обединува најважните функции во еден централен мозок и овозможува побрзи реакции, подобра координација меѓу системите, попрецизно управување, поефикасна регенерација и помазно чувство при возење. Развиен е специјално за електрични возила и, според BMW, работи до 10 пати побрзо од претходните решенија.
Покрај технологијата и перформансите, новиот BMW iX3 треба да биде и важен чекор напред во одржливоста. Производството е насочено кон циркуларна економија, намалување на CO2 емисиите и зголемена употреба на секундарни и рециклирани материјали. Воедно, фабриката во Дебрецин е поставена да функционира без употреба на фосилни горива во нормални работни услови, што дополнително ја нагласува стратегијата на брендот за поодржлива иднина.
На македонскиот пазар, новиот BMW iX3 50 xDrive веќе е достапен во продажба. Почетната цена изнесува 79.860 евра.









