BMW M Car Македонија ги претстави новиот BMW X5 и BMW Серија 7 Седан, два модели со различен карактер и намена, но со заеднички технолошки и дизајнерски правец. Петтата генерација на X5 носи повеќе простор и поширока понуда на погонски системи, додека Серија 7 го става акцентот на дигиталното искуство, персонализацијата и комфорот.
Името е познато, но приказната е нова. BMW X5 и BMW Серија 7 Седан се меѓу најпрепознатливите модели на баварската марка, а со нивната премиера во Македонија BMW прикажа две различни интерпретации на современиот премиум автомобил.
X5 останува насочен кон клиентите што бараат простор, практичност и динамика во едно возило, додека Серија 7 е предводник на луксузната седан понуда. Заеднички им се новиот дизајнерски јазик, напредните дигитални решенија и можноста автомобилот во голема мера да се приспособи на желбите на сопственикот.
BMW X5 ја започнува петтата генерација
Со BMW X5 во 1999 година беше поставен темелот на денешното BMW X семејство. Петтата генерација ја задржува препознатливата силуета на моделот, но добива помонолитен и посамоуверен изглед инспириран од дизајнерскиот јазик на Neue Klasse.
Предниот дел го нагласуваат осветлената BMW Iconic Glow маска и новите светлосни елементи во форма на двојна буква X. Во зависност од изведбата, достапни се тркала од 21 до 23 инчи. Новина се и BMW Winglet рачките на вратите, електричното отворање и Soft-Close функцијата за меко и тивко затворање.

Со должина од речиси пет метри, новиот X5 нуди повеќе простор во кабината. Дигиталното искуство го сочинуваат BMW Panoramic Vision, 3D Head-Up Display и BMW Panoramic iDrive, кои треба да ја направат комуникацијата меѓу возачот и автомобилот поедноставна и поинтуитивна.
„И токму таа приказна за постојаното поместување на границите продолжува и денес. Од прв поглед е јасно дека X5 не дошол само да продолжи една успешна приказна, туку да го напише следното поглавје. Новиот BMW X5 влегува во својата петта генерација со посамоуверен изглед, повеќе простор и ентериер кој ја комбинира елеганцијата со модерниот карактер на моделот. Со речиси пет метри должина, X5 е уште попростран, а вниманието кон деталите се забележува во секој дел од кабината. Ако постои модел за кој совршено важи „The boss is back!“, тогаш тоа е новиот BMW X5, вели Борис Јаневски, сениор консултант за BMW автомобили во М Кар
На македонскиот пазар новиот BMW X5 на почетокот ќе биде достапен со mild hybrid бензинска и mild hybrid дизел изведба. Од јануари 2027 година понудата треба да биде проширена со plug-in hybrid верзиите X5 50e и X5 M60e, како и со целосно електричниот iX5.
Ваквата поставеност им овозможува на купувачите да изберат погон според начинот на користење на автомобилот, од традиционални мотори со електрифицирана поддршка до plug-in hybrid и целосно електрична верзија.
BMW Серија 7 го претвора патувањето во луксузно искуство
BMW Серија 7 Седан пристигнува во својата седма генерација со пософистициран изглед, широки можности за персонализација и кабина создадена и за возачот и за патниците. Моделот останува технолошки и луксузен предводник на марката.
На задните седишта е поставен BMW Theatre Screen со дијагонала од 31,3 инчи и 8K резолуција, кој ја претвора кабината во приватно кино. BMW Panoramic Vision и Panoramic iDrive внесуваат нов начин на прикажување и управување со информациите во кабината.
BMW наведува дека за екстериерот се достапни повеќе од 500 бои и комбинации. Со тоа, заедно со изборот на материјали и деталите во кабината, секој примерок може значително да се персонализира.
Почетната понуда опфаќа една mild hybrid бензинска и три целосно електрични изведби. Од ноември 2026 година се најавени и mild hybrid дизел и plug-in hybrid верзии.

„Новите BMW X5 и BMW Серија 7 Седан покажуваат дека автомобилот може да биде многу повеќе од средство за движење – може да биде личен избор што ги одразува карактерот, потребите и индивидуалноста на својот сопственик. За нас во М Кар, суштината не е само во разновидноста на понудата, туку во уникатноста на секој автомобил и начинот на кој тој се поврзува со човекот за кого е создаден. BMW X5 и BMW Серија 7 Седан имаат различен карактер, но заедничка идеја – секој автомобил да понуди искуство што е лично, препознатливо и единствено за својот сопственик“, вели Билјана Колемишевска, одговорна за маркетинг комуникации и ПР во М Кар
🚗 Читај 24AUTO.MK и на Viber!
Автомобилски вести директно на твојот мобилен.
📲 Viber групата на семејството на 24AUTO.MK. и биди во тек!









