Audi за првпат ја користи бројката 9 во SUV гамата и со Q9 го проширува врвот на својата понуда. Новиот модел е најголемиот Audi досега, со три реда седишта, V6 TDI мотор, quattro погон и цела серија технологии насочени кон луксуз и комфор.
Audi го претстави новиот Q9, најголемиот SUV во историјата на марката и нов предводник на целото портфолио. Со овој модел, Audi за првпат ја користи бројката 9 и влегува во сегментот на големи големи SUV модели, каде акцентот не е само на просторот, туку и на премиум атмосфера, нови дигитални решенија и високо ниво на комфор за сите патници.
Новиот Q9 е долг 5,31 метри, широк 2,21 метри и висок 1,81 метар, со меѓуоскино растојание од 3,14 метри. Со овие димензии, тоа е најголемиот Audi досега. Моделот стандардно има седум седишта, а опционално може да се нарача и со шест седишта, при што вториот ред добива индивидуални електрични седишта и атмосфера што Audi ја опишува како бизнис класа.
Гернот Долнер, извршен директор на Audi, го опишува Q9 како нов водечки модел на брендот и вели дека во иднина „Vorsprung durch Technik“ сè повеќе ќе се дефинира преку искуството во кабината. Според него, автомобилите за многу купувачи стануваат мобилни животни простори, а токму Q9 треба да ја покаже таа насока на Audi.
Кабината е еден од главните адути на Q9. Во конфигурација со седум седишта, сите три седишта во вториот ред имаат Isofix точки за детски седишта, а и третиот ред е замислен да понуди доволно простор и за возрасни патници. Седиштата во вториот ред се електрично подвижни, а пристапот до третиот ред е олеснет со електрично поместување и навалување на надворешните седишта, без потреба да се вади детско седиште.
Една од највпечатливите новини се автоматските врати, кои Audi првпат ги нуди кај овој модел. Тие можат да се отвораат и затвораат од повеќе контролни точки, но и преку myAudi апликацијата. Вградените сензори ја следат околината и ја запираат вратата ако има пречка, а новиот механизам овозможува нежно затворање.

Q9 го добива и најголемиот панорамски покрив досега вграден во Audi. Стаклената површина е поголема од 1,5 м2, може да се отвора или навалува, а опционално нуди променлива транспарентност со девет одделни сегменти. Во највисоките изведби, покривот има и 84 LED светла што ја следат избраната амбиентална боја во кабината.
Дигиталниот дел исто така оди високо. Пред возачот е MMI panoramic display со закривен OLED дизајн, составен од 12,3-инчен Audi virtual cockpit и 14,5-инчен MMI touch дисплеј. Стандардно е вклучен и 12,3-инчен екран за совозачот, со privacy mode што спречува возачот да гледа содржини како видео додека автомобилот е во движење.
Инфозабавниот систем користи Android Automotive OS, а апликациите се достапни преку Audi Application Store без потреба од смартфон. Audi assistant овозможува природна гласовна контрола, а интеграцијата со ChatGPT се користи кога системот не може сам да одговори на општо прашање. Од гледна точка на возачот, сè е интегрирано во Audi assistant.
Audi посебно ја нагласува и светлосната технологија. Q9 има digital Matrix LED фарови со micro-LED модул, а назад носи светска премиера – третата генерација дигитални OLED задни светла со закривени панели. Надворешните OLED панели се заоблени во три димензии, што според Audi овозможува подобра интеграција во каросеријата и поголема видливост од страна.

Задните светла имаат вкупно 512 сегменти распределени низ шест големи дигитални OLED панели. Дополнително, Q9 може да проектира стилизиран трепкач на подлогата при вртење или промена на лента ноќе, а комуникациското светло може да предупреди други учесници во сообраќајот за опасност, дефект или можен судир при отворање врата.
На стартот, Audi Q9 во Германија ќе се нуди со 3,0-литарски V6 TDI мотор со 220 kW, односно 299 КС, и 630 Nm вртежен момент. Во одредени европски пазари ќе има и верзија со 180 kW, односно 245 КС, и 500 Nm. Двата мотори користат MHEV plus технологија, осумстепен tiptronic менувач и постојан quattro погон на сите тркала.
MHEV plus системот може да го поддржи погонскиот склоп со до 18 kW, односно 24 КС, дополнителна сила при тргнување и претекнување. V6 TDI моторот има и електричен компресор, кој создава притисок до 3,6 bar за само 1,2 секунди и треба да обезбеди побрз одзив при ниски вртежи.
Стандардно, Q9 доаѓа со прилагодлива воздушна суспензија. Системот ја приспособува висината и амортизацијата според брзината, товарот и условите на возење, а вкупниот опсег на приспособување меѓу најниската и највисоката положба е 90 милиметри. Опционално, достапно е и управување на сите тркала, при што задните тркала можат да се завртат до 5 степени за поголема маневрабилност или стабилност.
Безбедносните и асистентските системи се на високо ниво. Q9 има автоматско сопирање во итни ситуации напред и назад, препознавање пешаци и велосипедисти, контрола на мртов агол, 360-степенски камери, помош при паркирање, помош при маневрирање со приколка и контрола на стабилност на приколка.
Посебно интересна е функцијата „emergency assist“ со можност за насочување кон застанување на помошна лента. Ако возачот не реагира на предупредувањата, системот може постепено да ја намали брзината, да ги вклучи предупредувачките светла и, на автопат, да се обиде да го насочи автомобилот кон слободна помошна лента при брзина меѓу 50 и 30 км/ч. Ако тоа не е можно, автомобилот запира во својата лента и активира итен повик.
Audi Q9 за првпат носи и adaptive driving assistant plus со hands-free возење на одобрени автопатски делници во Германија, САД и Канада. Системот работи до 130 км/ч, односно 85 mph, и може да управува, забрзува и сопира, но останува SAE Level 2 технологија – возачот мора постојано да биде внимателен и одговорен.
Производството на Audi Q9 е во Братислава. Моделот може да се нарачува од јули 2026, а испораките треба да почнат во ноември. Почетната цена во Германија е 108.400 евра за Q9 TDI со 220 kW. Официјалната комбинирана потрошувачка за оваа верзија е од 8,0 до 7,4 литри на 100 километри, со CO2 емисии од 209 до 194 g/km.
Краток преглед на најважните бројки
Должина: 5,31 метри
Ширина: 2,21 метри
Висина: 1,81 метар
Меѓуоскино растојание: 3,14 метри
Седишта: 7 стандардно, 6 опционално
Панорамски покрив: повеќе од 1,5 квадратни метри
Мотор на старт: 3,0 V6 TDI
Сила: 220 kW, односно 299 КС
Вртежен момент: 630 Nm
Менувач: осумстепен tiptronic
Погон: quattro
Потрошувачка: 8,0 – 7,4 l/100 km
Почетна цена во Германија: 108.400 евра
▶▶▶ Добивај директно АВТОМОБИЛСКИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24AUTO.MK. Со еден клик до сите вести.
_________________________________________________________________









