Toyota повторно јасно порача дека не верува во брз и целосен крај на автомобилите со бензински мотори. Додека дел од производителите во изминатите години агресивно најавуваа целосен премин на струја, јапонскиот гигант останува внимателен и тврди дека реалноста на глобалниот пазар е многу покомплексна. Според компанијата, условите за електрична мобилност сè уште не се исти во сите земји, па затоа бензинските модели и натаму ќе бидат неопходни.
Во текст објавен во Toyota Times, компанијата ја објаснува оваа позиција преку примерот со Corolla, еден од најважните и најпродавани модели во нејзината историја. Пораката е јасна – следната генерација на Corolla мора да остане достапна со различни типови погон, затоа што купувачите низ светот немаат исти можности, исти навики ниту иста инфраструктура.
Од Toyota велат дека дури и во рамки на ист град, за едни електричниот автомобил е практично решение, а за други подобар избор се хибридите или класичните бензински верзии. Во многу региони, според компанијата, и понатаму е невозможно целосно да се живее без автомобили со мотор со внатрешно согорување.
Една од главните причини е инфраструктурата. Во многу делови од светот полначите сè уште не се доволно развиени, а кај дел од возачите и натаму постои страв од ограничен досег, особено на подолги релации. И таму каде што има полначи, времето потребно за полнење на батеријата и понатаму останува фактор што дел од купувачите не сакаат да го прифатат. Наспроти тоа, бензинската пумпа и натаму нуди брзо и едноставно решение што за многумина е поважно од технолошкиот напредок.
Важна улога игра и цената. Toyota посочува дека ценовната рамнотежа меѓу електричните и класичните автомобили сè уште не е постигната. Иако трошоците за користење на бензинците растат, особено поради повисоките цени на горивата, класичните модели и натаму за многу купувачи се подостапни при самото купување.
Во исто време, компанијата не го негира растот на електричните возила. Побарувачката за EV модели глобално расте, иако темпото не е исто на сите пазари. Во Европа, електричните автомобили лани достигнале 19,5 проценти од регистрациите на нови возила, што е јасен раст во однос на 15,4 проценти една година претходно. Во Кина, таканаречените new energy vehicles стигнале до 54 проценти удел, но таму во таа категорија влегуваат и plug-in хибридите, а не само целосно електричните модели.
Токму затоа Toyota не сака да игра само на една карта. Следната Corolla, според најавите, треба да понуди решение за различни профили на купувачи – за оние што сакаат класичен мотор, за тие што претпочитаат хибрид, но и за оние што се подготвени за електрична верзија. Компанијата отворено вели дека сака да создаде автомобил што ќе одговара на различни пазари и стилови на живот, а притоа да остане профитабилен и ефикасен за производство.
Во позадина на оваа стратегија е и новата генерација компактни четирицилиндрични бензински мотори на кои Toyota веќе работи. Паралелно со тоа, јапонскиот производител заедно со Mazda и Subaru експериментира и со горива што би можеле да го продолжат животот на моторите со внатрешно согорување, како течен водород, биогорива и синтетички горива.









