недела, 26 јули, 2026 година

Одитe во Грција со автомобил? Список на „мали“ прекршоци што можат скапо да ве чинат

ОБЈАВЕНО НА:

СПОДЕЛИ:

Instagram
FbMessenger
WhatsApp
RSS
Follow by Email
Copy link
URL has been copied successfully!

ПОВРЗАНИ НАПИСИ

Сезоната за летување е во полн ек, а многумина кон Грција тргнуваат со автомобил. Но токму на одмор најлесно се заборава дека таму и навидум ситни прекршоци можат да завршат со високи казни, одземање дозвола или проблем на граница.

Грција за многумина од Македонија е најчеста летна дестинација, а патувањето со автомобил е речиси рутина. Но, токму затоа често се опуштаме повеќе отколку што треба – ќе се јавиме на телефон додека возиме, ќе застанеме „само на минута“ каде што не смее, ќе не застанеме целосно на STOP, ќе претекнеме таму каде што дома можеби би ризикувале.
Во Грција таквите навики можат многу скапо да чинат, особено ова лето, кога грчките власти најавија построги контроли и примена на построги сообраќајни казни.

- Advertisement -

Ова не е текст за да се создаде паника пред одмор, туку корисен потсетник пред пат. Најдобар одмор е оној во кој нема нервоза со полиција, нема плаќање казни во банка или пошта, нема одземени таблички, а уште помалку задржување на граница поради неплатен прекршок.

Една од најскапите грешки е користење радар-детектор. Во Грција тоа може да ве чини 2.000 евра, со одземање на сообраќајната дозвола на два месеци и возачката дозвола на еден месец. Тоа е прекршок за кој многумина можеби не размислуваат пред пат, но ако во автомобилот имате таков уред, најдобро е воопшто да не тргнувате со него.

Скапа може да биде и одлуката да изнајмите скутер, мопед или мотор без соодветна категорија. Возење без соодветна возачка дозвола во Грција може да чини 1.000 евра. Ова е особено важно на островите и во туристичките места, каде многумина лесно изнајмуваат двоцикл за кратки релации, а потоа забораваат дека полицијата не гледа дали возите „само до плажа“ или на подолг пат.

Посебно строго се казнува пушење во автомобил ако во возилото има дете помало од 12 години. Казната изнесува 1.500 евра, а на возачот може да му биде одземена возачката дозвола најмалку 30 дена. Ова не важи само за класични цигари, туку и за електронски цигари и други замени за тутун.

Не треба да се заборави ниту фрлањето отпушок или друг предмет од автомобил. Во лето, кога ризикот од пожари во Грција е висок, ова може да се казни од 150 до 500 евра. Она што некој дома можеби го прави без да размисли, таму може да се третира многу посериозно, особено во области каде има зголемена опасност од пожар.

Претекнување преку полна линија е 700 евра, а полицијата може да одземе и таблички и возачка дозвола на 20 дена. Минување на црвено светло исто така носи казна од 700 евра, со одземање на возачката дозвола на 30 дена. Тоа се прекршоци што директно можат да го уништат одморот, бидејќи проблемот не завршува само со паричната казна.

И STOP значи целосно запирање, не само забавување. Ако не застанете на знак STOP, казната може да биде 350 евра и одземање на возачката дозвола на 30 дена. Ако при тоа предизвикате сообраќајна незгода, казната се зголемува на 700 евра, а дозволата може да биде одземена на 60 дена.

Користење мобилен телефон за време на возење е уште еден прекршок што кај многумина се третира како „ситница“. Во Грција, казната е 350 евра, а предвидено е и одземање на возачката дозвола најмалку 30 дена. Истата сума – 350 евра – важи и за неврзан појас, за возење мотор, скутер или квад без кацига, како и за непрописен превоз на дете.

Непрописното паркирање, пак, може да изгледа како најмала грижа на одмор, особено во преполни туристички места. Но казните се движат од 40 до 150 евра, со можност за одземање таблички и возачка дозвола. Ако возилото блокира пристап, шахта, влез или место за лица со инвалидитет, проблемот станува многу посериозен, а повторување на прекршокот може да оди и до 2.000 евра.

И брзината не треба да се сфати лесно. За пречекорување до 20 км/ч казната е 100 евра, за повеќе од 20 км/ч изнесува 150 евра, а во потешки случаи може да достигне 700 евра. Ако возачот го повтори прекршокот, казната може да стигне до 2.000 евра, со одземање на возачката дозвола на една година.

За алкохол, границата е до 0,5 промили, но штом се надмине, санкциите стануваат сериозни. Од 0,50 до 0,80 казната е 350 евра и одземање дозвола најмалку 30 дена. Од 0,81 до 1,10 казната е 700 евра и одземање дозвола до 90 дена, а над 1,10 казната е 1.200 евра, со одземање дозвола на шест месеци и можност за затворска казна.

Важен детал е и плаќањето. Во Грција казните не мора да значи дека ќе можете едноставно да ги решите на лице место. Се издава налог и упатство за плаќање, а казната најчесто се плаќа во банка или пошта, што може да биде дополнителен проблем ако е ноќ, викенд или сте на остров. Прекршоците се евидентираат во систем, а неплатени казни можат да создадат проблем и при излез од земјата.

Краток потсетник за најважните казни
* Радар-детектор – 2.000 евра
* Возење без соодветна дозвола – 1.000 евра
* Пушење во автомобил со дете под 12 години – 1.500 евра
* Фрлање отпушок или предмет од автомобил – од 150 до 500 евра
* Претекнување преку полна линија – 700 евра
* Минување на црвено светло – 700 евра
* Непочитување STOP знак – 350 евра
* Користење мобилен телефон при возење – 350 евра
* Неврзан појас или возење без кацига – 350 евра
* Непрописно паркирање – од 40 до 150 евра, а при повторување и многу повеќе
* Пречекорување брзина – од 100 до 700 евра, а при повторување до 2.000 евра
* Алкохол над дозволената граница – од 350 до 1.200 евра, со можност за одземање дозвола и затворска казна

________________________________________________________________

▶▶▶ Добивај директно АВТОМОБИЛСКИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24AUTO.MK. Со еден клик до сите вести.
_________________________________________________________________

Instagram
FbMessenger
WhatsApp
RSS
Follow by Email
Copy link
URL has been copied successfully!

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Патувања

НАЈЧИТАНИ

Новитети

Магазин

Тест

Додатоци

Вози на струја