Од 7 јули 2026 година, сите нови патнички автомобили и лесни комерцијални возила во ЕУ ќе мора да имаат „сигнал за итно запирање“ – систем што при силно кочење ги прави стоп-светлата да трепкаат и порано да ги предупреди возачите зад вас.
Купувањето нов автомобил во Европската унија од летово носи важна новина што директно цели кон една од најчестите несреќи на патиштата – судaри одзади. Од 7 јули 2026 година, сите нови патнички автомобили и лесни комерцијални возила мора да имаат вграден „сигнал за итно запирање“, без кој возилото нема да може да добие хомологација, односно нема да може да се регистрира.
Како функционира системот? Кога возачот нагло кочи при брзина над 50 км/ч, стоп-светлата почнуваат брзо да трепкаат – како јасен визуелен аларм дека пред вас има опасно нагло забавување.
Доколку возилото целосно застане, системот автоматски ги вклучува сите четири трепкачи, додека стоп-светлата остануваат активни. Целта е возачите зад вас да добијат дополнителна секунда за реакција, што може да направи огромна разлика, особено на автопат и брзи патишта.
Овој „сигнал за итно запирање“ е дел од поширокиот пакет безбедносни мерки што ги носи Регулативата (ЕУ) 2019/2144 (позната и како General Safety Regulation). Во истиот пакет се вклучени и други задолжителни системи за нови возила, како автоматско кочење во итен случај, асистенција за задржување во лента, „паметен“ ограничувач на брзина, детекција на замор кај возачот и камери/асистенција за движење наназад.
Правилото важи само за новите возила што ќе се хомологираат по овој датум. Сопствениците на веќе регистрирани автомобили немаат обврска накнадно да вградуваат ваков систем.
Сударите одзади често се случуваат токму поради доцна реакција при нагло кочење. Брзото трепкање на стоп-светлата е поочигледен сигнал од стандардното вклучување на стоп светлата, па системот треба да помогне во намалување на ризикот од верижни судири – особено кога сообраќајот е густ или брзините се високи.









