По речиси една деценија судска борба, BMW дефинитивно ја изгуби правната битка против сопственик чиј палец бил делумно ампутиран поради системот за „меко затворање“ на вратите кај моделот BMW X5. Американскиот жалбен суд го одби обидот на баварскиот производител да ја поништи пресудата, што значи дека компанијата мора да исплати 1,9 милиони долари оштета.
Инцидентот датира од јули 2016 година, кога Годвин Боатенг од Њујорк ги затворал вратите на својот BMW X5 xDrive35i Sport (2013).
Вратата била отворена околу 30 сантиметри, а неговиот палец бил потпрен на столбот. Во тој момент се активирал системот за „soft-close“ – механизам што автоматски ги повлекува вратите и ги затвора – при што му ги здробил врвовите на прстите, што довело до делумна ампутација на палецот.
BMW по прегледот на возилото тврдел дека механизмот бил технички исправен, па одбил да преземе одговорност.
Боатенг поднел тужба тврдејќи дека поради повредата може да изгуби до 3 милиони долари во идни приходи.
Неговиот главен аргумент бил дека системот за меко затворање е опасен, бидејќи – за разлика од електричните прозорци – не користи сензори за препрека, па не може да се сопре кога ќе „почувствува“ дека нешто е фатено меѓу вратата.
По долга постапка, случајот стигнал на суд во 2024 година, кога поротата му ја доделила оштетата од 1,9 милиони долари, составена од:
* 800.000 долари за болка и страдање
* 850.000 долари за идни страдања
255.000 долари за изгубена заработка
BMW тврдеше дека корисниците треба да знаат дека не се става рака таму каде што се затвора врата, и побара ново судење. Но окружниот суд го одби барањето, па случајот заврши пред Американскиот жалбен суд, кој исто така го отфрли приговорот на BMW.
Жалбениот суд пресуди дека BMW извршил „обманувачки пропуст“, бидејќи не ги предупредил купувачите на ризикот кој го носи овој тип механизам.









