По првпат во историјата на Maserati, автомобил од овој бренд официјално влегува во служба на италијанските Карaбињери. Главната ѕвезда е Maserati MC Pura, спектакуларно купе со 630 КС, облечено во препознатливата службена униформа на италијанската полиција. Оваа суперкола нема да брка криминалци – туку ќе превезува органи и крв во итни медицински мисии, каде секунда може да спаси живот.
На свечената церемонија во генералната команда на Карaбињерите присуствуваа командантот генерал Салваторе Луонго, како и првите луѓе на Stellantis, меѓу кои и извршниот директор Антонио Филоза, заедно со челниците на Alfa Romeo и Maserati.
MC Pura е вистински технолошки манифест на Maserati. Под хаубата работи 3.0-литарски V6 Nettuno мотор со две турбини, кој користи технологија инспирирана од Формула 1 – систем на преткомора за согорување што овозможува екстремна ефикасност. Каросеријата е изработена од јаглеродни влакна, што значи минимална тежина и максимална цврстина.
Суперколата достигнува над 320 км/ч. и забрзува од 0 до 100 км/ч. за помалку од 3 секунди. Но, за разлика од тркачките верзии, ова Maserati има ладилна комора во багажниот простор – специјално дизајнирана за транспорт на органи и медицински материјали. Дополнително, интегрирани се светлосни и звучни системи без да се наруши аеродинамиката. Внатрешноста е адаптирана со мониторинг и комуникациска опрема за поврзување со здравствени центри во реално време.
Покрај Maserati, Карaбињерите добија и Alfa Romeo Giulia Quadrifoglio, симбол на децениска соработка помеѓу италијанската полиција и Alfa Romeo. Овој модел, со 520 коњски сили и V6 biturbo мотор, е опремен со системи за итна комуникација и безбедност, што го прави идеален за долги, брзи мисии.

Врската меѓу Alfa Romeo и Карaбињерите трае уште од 1950-тите, кога првата Alfa 1900 „Matta“ и подоцна легендарната Giulia ја отворија традицијата на „Gazzelle“ – брзи полициски возила што и денес имаат култен статус.
„Кога станува збор за транспорт на органи, секунда може да значи живот,“ изјави генерал Луонго, потенцирајќи дека ваквите возила не се симбол на престиж, туку на ефикасност и одговорност.
Директорот на Stellantis, Антонио Филоза, додаде дека проектот ја спојува индустриската извонредност со општествената одговорност – пример како технологијата развиена за брзина може да се стави во служба на заедницата.









